Кралот Абдула, кој владеше со Саудиска Арабија од август 2005 година, почина во 90. година од животот, јавија светските медиуми. Абдула беше еден од најстарите монарси во светот, на чело на земјата што е најголем производител на нафта во светот, а го наследи неговиот 79-годишен полубрат Салман.
Кралот бил во болница во Ријад од новогодишната ноќ, а дијагнозата била воспаление на белите дробови. Кралот Абдула, како и неговиот претходник, кралот Фахд, и престолонаследникот Салман, биле синови на Ибн Сауд, кој ја формирал модерна Саудиска Арабија во 1932 година.
Починатиот Абдула имал четири сопруги, седум синови и 15 ќерки. Смртта на кралот Абдула, кој важел за реформатор и за умерен во рамките на семејството Суад, доаѓа во тешко време за земјата со 29 милиони жители, втора по големина во арапскиот свет, по Алжир.
Од една страна паѓа цената на нафтата, а Саудиска Арабија е под сè поголеми напади од џихадистите. Покрај тоа, постои и загриженост поради способноста на наследникот на Абдула да владее со земјата. Салман, како престолонаследник, во вторникот одржа говор на отворањето на новото заседание на Парламентот и во име на тогаш болниот крал Абдула ги истакна предизвиците за кралството.
– Ова заседание почнува под исклучително тешки и деликатни меѓународни и регионални услови, рекол тој во говорот во кој ги охрабрувал Саудијците дека нивните економски интереси ќе бидат заштитени и покрај падот на цената на нафтата.
Престолонаследникот ќе ја преземе власта веднаш, а погребот на кралот Абдула ќе се случи во рок од 24 часа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.