| четврток, 6 декември 2018 |

Јункер: Кој и да дојде на власт во Грција ќе мора да ги почитува обврските

јункер

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска уште еднаш ги предупреди граѓаните на Грција, на три дена пред предвремените парламентарни избори во оваа земја-членка на Европската унија, дека кој и да дојде на власт ќе мора да се придржува до мерките на штедење на „тројка“ што ја сочинуваат Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, челникот на ЕК смета дека Грција не ќе може да се реши од обврските кон меѓународните кредитори, кои досега ѝ позајмија околу 380 милијарди евра на земјата за да не доживее економски колапс, и покрај ветувањето на партијата на СИРИЗА дека ќе ги укине ако ја преземе власта.

На прашањето дали во Брисел е тензично поради исчекувањето на изборните резултати и можноста СИРИЗА да дојде на власт во Атина, наследникот на Жозе Мануел Барозо одговори дека тензиите се секогаш високи во Брисел и тоа го карактеризира овој град.

– Ние не сакаме да се мешаме во изборната дебата во Грција и Грците сами одлучуваат за својата иднина и кој да ги води. Единствено што можам да кажам е дека обврските преземени од Грција ќе мора да бидат почитувани од секоја идна грчка влада – дециден е Јункер.

Претседателот на Еврокомисијата не сакаше јавно да коментира и за најавената вечерашна одлука на Еворпската централа банка (ЕЦБ) да испечати 500 милијарди евра за да се зголемат потрошувачката и инвестициите во ЕУ со цел да се зголеми економскиот раст.

– ЕЦБ е независна институции и банката ја води монетарната политика на еврозоната, па не би било паметно и интелигентно, ниту корисно, да реагирам на сѐ уште недонесена одлука –  посочи Јункер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top