| четврток, 6 декември 2018 |

Путин: Нема сомнежи дека Русија ќе ги надмине тешкотиите во економијата

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не постојат никакви сомневања дека земјата ќе се справи со моменталните економски тешкотии, што ги предизвикаа западните санкции наметнати поради наводната нејзина вмешаност во кризата во Украина и со остриот пад на цените на нафтата која е најзначаен фактор за полнењето на буџетот и оцени дека светската економија е подложена на ерозија под влијанието на политичките фактори.

Зборувајќи на седницата на руската влада претседателот Владимир Путин порача дека „безусловно“ ќе бидат исполнети сите социјални обврски на државата.

„Што и да сториме, какви и планови да направиме, ние сме должни безусловно да ги исполниме нашите социјални обврски, да осигуриме тие да бидат спроведени. Сите тука знаеме дека тоа е апсолутно изводливо. Нема никакви сомневања во тоа дека и ќе го сториме тоа“, изјави Путин пред министрите.

„Истовремено со исполнувањето на социјалните задачи, мораме да зборуваме и за она што ќе го направиме во релевантните сектори на стопанството, во економијата во целина, денес и во иднина, земајќи ги предвид различните сценарија“, додаде Путин имајќи ги предвид турбуленцијата на националната валута која загуби речиси 40 отсто од вредноста кон американскиот долар и еврото, како и ниските цени на нафтата.

Според рускиот претседател светската економија во моментов е на удар на влијанијата на политичките фактори, што за Москва е очигледно.

„Се уверивме дека и без оглед на надворешната стабилност на меѓународните економски правила, всушност, тие се подложни на ерозија под притисок на политичките фактори. До одредено ниво дури пројавивме и одредена наивност, сметајќи дека фундаменталните основи на светската економија се неповредливи“, изјави Путин на владината седница.

„Ова, исто така, во извесна смисла претставува лекција и треба да не поттурне да за го осигуриме нашиот суверенитет во сферата на економијата, меѓутоа, се разбира, остануваме како и што повеќепати истакнувавме составен природен дел од светската економија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top