| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се докомплетира документацијата за автопатот Кичево – Охрид

Паралелно со одвивање на градежните активности на дел од трасата, Јавното претпријатие за државни патишта ќе ја докомплетира проектната документација за изградба на автопатот од Кичево до Охрид. Во наредните 10 месеци на оваа задача ќе работи Друштвото за инженеринг и консалтинг „Чакар Партнерс“ од Скопје, кое на тендер било избрано на почетокот од јануари годинава. За целосно завршување на проектната документација се издвоени средства во висина од 49.265.000 денари (800 илјади евра).Во меѓувреме, кинеската компанија „Синохидро Корпорација“, заедно со македонските подизведувачи, продолжува со реализација на градежните активности на терен. Досега се пробиени 25% од трасата во должина од 57 километри, формирани се косини и усеци на првите три од вкупно пет патни делници, а отпочнати се и активностите за пробивање на тунелот „Пресека“ кој ќе биде долг 1.990 метри. Првичните планови се дека автопатот Кичево – Охрид ќе биде отворен за сообраќај од 2018 година.

Врз основа на досегашната проектна документација, новиот автопат ќе има две коловозни ленти и една помошна лента за застанување за секој правец и зелен средиштен појас. По должината на трасата ќе има 22 мостови вијадукти, 7 армирано – бетонски мостови, шест надпатници и 13 подпатници. Вкупната инвестиција во инфраструктурниот проект изнесува 374 милиони евра, пари обезбедени од кинеската Ексим банка. Изградбата на автопатот од Кичево до Охрид започна во февруари 2014 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top