| четврток, 6 декември 2018 |

Во Белград ќе биде одбележан роденденот на Тоше

Во пресрет на одбележувањето на роденденот на големата македонската и балканска ѕвезда Тоше Проески, Форумот на млади Македонци традиционално на 24 и 25 јануари ќе организира хуманитарни активности. Оваа година средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат наменети за Националното здружение на родители на деца заболени од рак – НУРДОР во Белград.

Во сабота, на 24 јануари  на Студентски трг ќе се одржи крводарителската акција во соработка со Институтот за трансфузија на крвта на Србија. Посетителите ќе имаат можност да ја слушаат музиката на Тоше и да донираат средства за НУРДОР, а првите 30 крводарители ќе добијат и подароци.

Како што соопштија организаторите, доколку временските услови дозволат ќе настапи и пејачката група на Националниот совет на Македонците во Србија „Тоше Проески“.

Хуманитарните активности во чест на Тоше продолжуваат и во недела, на 25. јануари, за кога е предвидена  акција на собирање на помош за децата од прифатилиштето во Белград, во регионалната канцеларија на Националниот совет на Македонците.

Во вечерните часови на сплавот ТАГ ќе биде организирана хуманитарна журка со Бајка бендот, Тијана Дапчевиќ и Тамара Тодевска, а собраните средства ќе бидат донирани на НУРДОР.

– Бидејќи Тоше Проески не беше само пејач со ангелски глас, туку и хуманитарец со големо срце, не постои подобар начин да се одбележи ден на неговото раѓање, велат во денешното соопштение од Форумот на млади Македонци.

Активностите се во организација на Форумот на млади Македонци со помош на Фан клубот на Тоше од Белград, и со поддршка на Фондацијата Тоше Проески од Крушево, Националниот совет на Македонците и Македонската бизнис асоцијација во Србија, преку компаниите Витаминка, Сандеј Колид и Алкалоид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top