Наградата, која беше воспоставена од јуни годинава во Варшава, Полска, во чест на големиот полски поет Збигњев Херберт, му е доделена на светски истакнатиот поет за животно дело. Наградата, која се состои од статуетка и парична сума од 50.000 долари, оваа година му припадна на еден од најголемите американски поети В. С. Мервин, кој го има добиено и „Златниот венец на поезијата“.
Меѓународното жири, во кое, покрај Едвард Хирш од САД, Волфганг Мац од Германија, Агнета Плејел од Шведска, Јарослав Миколајевски од Полска, Томас Венцлова од Литванија и Жауме Валкорба Плана од Шпанија, е член и Лидија Димковска, по плодна и интензивна дискусија за номинираните поети одлучи наградата да му ја додели на Мервин.
Имињата на останатите седум номинирани поети се, според правилата на меѓународната фондација „Херберт“ тајни.
Наградата ќе му биде свечено доделена на добитникот на 3 јуни во Варшава, Полска.
Членовите на жирито во текот на својот престој во Варшава имаа ретка можност да ја видат архивата од ракописното наследство на Збигњев Херберт, кое се чува во Националната библиотека на Варшава, учествуваа во емисија посветена на светската поезија на националната полска телевизија.
Тие беа примени и од страна на сопругата на Херберт, покренувач на меѓународната фондација „Херберт“, чиј меѓународен одбор го сочинуваат едни од најголемите европски и полски уметници и интелектуалци Адам Загајевски, Јулија Хартвиг, Михаел Кругер, Франческо Каталучо, Пјотр Клозовски, Тимоти Гартон, Маја Коморовска, Емилија Науман и Мациеј Радзвил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Европско книжевно признание за Лидија Димковска
-
Романот „Но-Уи“ на Лидија Димковска – национален кандидат за наградата „Балканика“
-
Наградуваниот роман „Резервен живот“ објавен во САД, авторката Димковска на американска книжевна турнеја
-
Димковска ќе ја отвори „Долга ноќ на европската литература“ во Берлин