Растот на Македонската економија во 2014 година достигнал близу 4 проценти (3,8%) и е најголем меѓу земјите од Југоисточна Европа, посочува најновиот извештај на Европскта банка за обнова и развој (ЕБРД) со предвидувањата за перспективите на БДП на земјите од регионот, Европа и пошироко со кои банката соработува.
Според Извештајот, тоа е резултат на силните извозни перформанси и порастот на личната потрошувачка во земјата.
Со овие проценки за растот на БДП на Македонија, ЕБРД практично ги промени проценките дадени во септември, лани, според кои се очекуваше раст на економијата од 3 проценти.
Во однос на регионот, се оценува дека 2014 била тешка година, а по објавените резултати за четвртиот квартал проценките се дека земјите од ЈИЕ забележале просечен раст на економиите од 1,7 проценти ( изземен е Кипар) или еден процент помалку во однос на 2013 година.
И во 2015 година се предвидува дека Македонија ќе постигне раст на БДП од 3,5 проценти што е за половина процент повеќе од прогнозите на Банката дадени во септември, лани.
Во однос на регионот на Југоистична Европа, пак, се наведува дека поголемиот број земји можат да се надеваат на скромни придобивки од драматичниот пад на цената на нафтата и на просечен раст од 2,2 проценти, што е помалку од прогнозираните 2,6 проценти во претходниот извештај на ЕБРД.
Извештаите со прогнози за растот на економиите за земјите со кои соработува ЕБРД ги објавува четири пати годишно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.