| четврток, 6 декември 2018 |

Американски историчар тврди: До пред 40 години не ги сметавме древните Македонци за Грци

Сѐ до околу 1975 година, во науката се претпоставуваше дека древните Македонци биле одделен народ кој Грците го сметаа за недоделкани полу-Грци на кои им било потребно хеленизирање. Но, овој начин на гледање се смени, вели Виктор Дејвис Хенсон, познат американски историчар, автор и колумнист, во интервју за МИА.

Хенсон во интервјуто вели дека Македонците како народ постоеле и живееле на територија која денес опфаќа повеќе држави во регионот и додава дека целата кавга меѓу Македонија и Грција, која се однесува на името Македонија и историското наследството, е целосно збунувачка две илјади и петстотини години подоцна.

– Лично, како набљудувач од страна, сметам дека ова прашање е иронично бидејќи изучувачите на класичниот период на Грција и филхелените сѐ до околу 1975 година сметаа дека Александар и Македонците биле некој вид недоделкани полу-Грци, на кои им било потребно хеленизирање од страна на грчките градови – држави. Но, по 1980 година, тие често се редефинираат – како чисти Елини. Јас не знам дали до оваа промена дојде поради некои археолошки истражувања, поради потребите на туризмот или од политички причини – вели Хенсон.

Тој смета дека грчкиот начин на гледање кон древната Македонија е дека ова кралство, градот Пела и други клучни македонски градови биле донекаде налик на Елините, со јазик кој бил сличен на грчкиот, но тежок за разбирање за тогашните Грци, и култура која во античко време била донекаде слична на постарите грчки кралства.

– Како тоа може да се претвори во културен континуитет преку 2.500 години, а уште помалку во тврдења на кого му припаѓа тоа наследство, јас не сум способен да кажам. Древните Македонци постоеле и живееле во територии кои денес им припаѓаат на повеќе држави. Но, политиката прави да не може лесно да се дојде до лесни и едноставни заклучоци – вели Хенсон.

Според него, овој вид политичка злоупотреба не ја прави модерна Грција добар старател врз грчкото историско и културно наследство.

– Јас сум живеел две години во Грција и сум ја посетил повеќе од 20 пати и имам некое искуство со нејзините ексцентричности. Накратко, тие живеат во тешко соседство, одделени се од Европа со Балканот и изложени кон Блискиот Исток и Турција во општество кое било окупирано 400 години од страна на Турците и користено како пионче во борбите на големите сили во 19 и 20 век. Грците веруваат дека нивното спектакуларно класично културно наследство преживеало негибнато 2.500 години низ македонска, римска, отоманска, венецијска и европска окупација и дека поради тоа тие треба да имаат статус и влијание далеку над нивната малубројност и неимпресивна економија. Индивидуалните брилијантни Грци се далеку подобри претставници на Грција во целина отколку што се нивните бедни економски показатели – вели професорот Хенсон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top