Во четирите основни и средното општинско чилиште во Виница во вторник ќе започне второто полугодие. Се е подготвено за прием на учениците на настава, истакнаа директорите на виничките учлилишта на синоќешната средба со градоначалникот на општина Виница Емил Дончев.
Тие потврдија дека не го прифаќаат најавениот штрајк на СОНК и истакнуваат дека нема да го подржат.
– Од состанокот што го одржав со директорите на четирите винички основни училишта и на средното училиште, преовладува мислењето дека во вторник наставата редовно ќе започне без проблеми, а најавениот штрајк на СОНК нема да биде подржан. Штрајк во образованието во Виничко ќе нема, учениците ќе дојдат на настава, а децата ќе бидат прифатени во градинките, изјави градоначалникот на Виница, Емил Дончев.
Заеднички заклучок од средбата со директорите е дека сите предуслови за почеток на наставата во второто полугодие се исполнети. Училиштата во Виничко се снабдени со нафта за греење, а нема проблеми од комуналната област.
Од Општина Гостивар денеска информираа дека најавениот штрајк на СОНК нема да се одржи и оти наставата во општинските училишта во второто полугодие ќе продолжи според предвиденото.
– По остварените средби и разговори со директорите и раководителите на образовните институции и градинки, донесено е решение да не се поддржи највениот штрајк и да нема прекин во едукативниот процес. Тоа е со цел да не им се наштети на учениците, бидејќи образовниот процес е приоритет на општина Гостивар. Образовниот процес ќе започне според предвидениот распоред на 20 јануари, се вели во соопштението од општината.
Претставници на наставниот кадар од сите основни и средни училишта во Прилеп, членови на СОНК и претседатели на основните организации на СОНК во прилепските училишта денеска на прес-конференција соопштија дека се против одржување на најавениот штрајк на СОНК, јавува канал 5.
Според Сашо Кочоски, претседател на основната организација на СОНК од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, прилепските просветни работници се оградуваат од одлуката на претседателот и на раководството на СОНК за генерален штрајк на почетокот од второто полугодие.
– Никако не можеме да се согласиме со идејата дека одлуката е донесена со поддршка од најголемиот дел од членството, а со единствена цел за унапредување на нашите работнички права. Цврсто сме убедени дека мнозинството членови не го делат кој претседателот на СОНК го пропагира и го презентира во јавноста. Станува збор за самоволие и лична битка на претседателот на сонк за да ја задржи сегашната позиција, изјави Кочоски во име на прилепските просветни работници.
Според Кочоски, како просветни работници нема да дозволат да трпи воспитно-образовниот процес за учениците. – Затоа, ја информираме јавноста дека прилепските училишта на 20 јануари ќе ја продолжат учебната година, рече Кочоски.
Второто полугодие во вторник во Прилепските основни и средни училишта треба да го почнат 10.600 ученици. Ќе нема штрајк во училиштата во општина Василево и наставата ќе продолжи да се одвива според планираното, соопштија од општината.
На состанокот кој се одржал денеска во кабинетот на градоначалникот Ване Стојанов со група наставници – членови на синдикатот за образование, наука и култура при ООУ „Гоце Делчев“ и подрачните училишта, било констатирано дека СОНК повикува на генерален штрајк врз основа на неаргументирани барања.
-СОНК не дава детално и конкретно образложение за оправданоста и реалната остварливост на предлозите. Според програмата на Владата, покачувањето на платите ќе се реализира етапно во претстојните години. Исто така, беше заклучено дека претседателот на СОНК тоа го прави од личен интерес заради претстојниот реизбор, се наведува во соопштението.
Од општината ги известува родителите на учениците и наставниците дека нема да има штрајк и наставата во второто полугодие ќе започне навремено.
– Доколку одредени наставници – членови на СОНК, одлучат да штрајкуваат според нивните уставно загарантирани права, општината веќе има обезбедено нивна соодветна замена со цел образовниот процес непречено да продолжи, се наведува во соопштението од кабинетот на градоначалникот на Општина Василево.
Од таму информираат дека сите услови за продолжување на наставата се исполнети и во централните и во подрачните училишта.
Регионалниот одбор на СОНК од Охрид денеска соопшти дека според сознанијата добиени од претседателите на синдикалните организации во регионот во инситуциите што ги покрива СОНК од Охрид не се формира штрајкувачки одбор што значи дека членството во Охрид не дава поддршка на штрајкот закажан од раководството на СОНК за 20 јануари.
Наставниците од Охрид нема да го поддржат генералниот штрајк на СОНК кој според најавите треба да започне во вторник на 20-ти јануари, информираа денеска од охридскиот Регионален одбор на СОНК, пренесува Ohridnews.
-Според сознанијата добиени од страна на претседателите на синдикалните организациии во нашиот регион, во ниту една од образовните институциии кои што ги покрива СОНК во Охрид, не е формиран штрајкувачки одбор. Тоа значи дека членството во Охрид не даде поддршка на штрајкот кој е закажан на 20-ти јануари. Нашиот регион опстои на ставот односно на размислувањето дека би можело да се најде решение за проблемите и на преговарачка маса, изјави Аце Речкоски, претседател на Регионалниот одбор на СОНК во Охрид.
Согласно најновите законски измени во образованието, доколку некој од вработените одлучи да се приклучи кон најавениот штрајк, раководните органи на училиштата преку Агенцијата за вработување ќе обезбедат соодветна замена со цел наставата да се одвива редовно и непречено.
Инаку во текот на вчерашниот ден, Охридската локална самоуправа оджа средба со активот на директори од училиштата во Охрид, на која беше заклучено дека охридските основни и средни училишта се подготвени за почетокот на второто полугодие од училишната година.
-Заедничен заклучок со директорите е дека сите предуслови за одржување на наставата и почеток на второто полугодие се исполнети. Училиштата се снабдени со нафта за греење, други проблеми во комунална сфера немаат, така што од 20-ти јануари ќе започне редовната настава, рече Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.
Тој истакна дека Охрид е една од ретките општини во Македонија која има формирано актив на директори и кој како алатка функционира одлично.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.