| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Груевски се обрати на самитот „Партнерство 2015“ во Индија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес учествуваше на самитот “Партнерство 2015” кој се одржа во градот Џајпур, Република Индија.

DSC_4250

Интернационалниот економски самит “Партнерство 2015”, чија главна тема е продлабочување на економската соработка и остварување на партнерства за нови релации, се одржува во организација на Конфедерацијата на индиската индустрија која е најголемата стопанска комора која ги обединува најголемите компании во Индија, владата на индиската држава Раџастан, како и индиското Министерство за економија и промоција. Овој самит се одржува од 1995-та година, а оваа година учествуваат економски делегации од вкупно 51 држава, како и претставници на меѓународни компании.

DSC_4103

На отворањето на самитот свое обраќање имаше претседателот на македонската Влада Никола Груевски, кој се задржа на пријателските односи со Република Индија, како и потенцијалите за соработка особено во сферата на економијата како поле на заеднички интерес.

-Економските и политичките односи бележат нагорен тренд, особено по интензивната размена на посети на високо и највисоко ниво, како што е и оваа посета од наша страна, но и средбата која ја имав пред четири дена со премиерот на Република Индија, при што забележливо е дека со г-динот Моди имаме иста стратешка цел и фокус, тоа се економијата, инвестициите, новите работни места, подобрата бизнис клима, подобриот живот на луѓето, изјави Груевски.

DSC_4326

Премиерот Груевски ги претстави достигнувањата во сферата на економијата и во останатите области. Toj истакна дека Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа.

-Се воведоа најниски даноци, рамен и низок данок, персоналниот данок и данокот на добивка е 10%, се намали ДДВ-то за повеќе сектори од 18% на 5%, имаме најконкурентни енергетски и логистички трошоци, со што  Македонија нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, истакна Груевски.

DSC_4291

Премиерот Груевски изјави дека се вложува и во останатите области кои се поврзани со економијата и кои значително го подобруваат животот на граѓаните.

-Македонија има одлична инфраструктура, но се гради уште. Се градат три автопати, железница кон Бугарија, а ќе се гради и гасоводна мрежа низ Македонија опфаќајќи ја целата територија. Има и други проекти за регионални и локални патишта. Растот во економијата се базира на три столба.  Градежништвото е еден од трите столба на растот на економијата, вториот столб е силен раст на извозот и странските инвестиции, а третиот столб е потрошувачката, истакна Груевски во своето обраќање.

DSC_4224

Премиерот ги покани индиските компании да направат анализа и да ја посетат Македонија и да се уверат во широкиот спектар на можности кој се нуди за економска соработка.

Претседателот на Конфедерацијата на индиската индустрија која е еден од организаторите на самитот, Бенерџи Чандрајит посочи дека треба да се искористи развојот на Индија.

DSC_4068

-Растот на бруто домашниот производ на Индија во последниот квартал е 5.7%, а производството се зголемува за 5% во последните две години. Повеќето аналитичари очекуваат дека во наредните две години Индија ќе биде една од најбрзорастечките економии во светот со раст од  7% , изјави Чандрајит.

DSC_4215

Инаку Конфедерацијата на индиската индустрија е најголемата стопанска комора во Индија која обединува 7200 членови и над 100 000 индиректни членови компании. Оваа Конфедерација функционира од 1895 година и е еден од клучните фактори за креирање на економскиот раст на Индија.

DSC_3569

Премиерката на индиската држава Раџастан, Васундара Раје, во своето излагање на самитот истакна дека партнерствата се добар модел за остварување на напредок.

-Вистинскиот развој е можен само преку остварување на партнерства меѓу владите, бизнисмените и граѓанскиот сектор. Раџастан нуди неограничени можности за остварување на партнерства. Ова е голема држава, посочи премиерката Раје.

DSC_3535

Раџастан има популација од 68.5 милиони жители и е по површина најголемата индиска држава, која има позитивен економски напредок. Главно е развиена цементната и минерална индустрија, текстилната индустрија, туризмот и земјоделското производство.

DSC_3604

На маргините на самитот, премиерот Груевски оствари средба со премиерката на Раџастан Раје со која разговараа за можностите за економска соработка и искористување на економските потенцијали на двете држави, во духот на унапредување на односите меѓу Индија и Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top