Што била причината за синоќешниот голем пожар што ја зафати главната зграда на Македонска пошта во Скопје, истражуваат утрово увидни екипи на МВР.
Во опкружувањето на поштата се’ уште дежура пожарникарски тим, со едно противпожарно возило, како мерка на претпазливост, соопшти командантот на Бригадатаза противпожарна заштита на Град Скопје, Благоја Менковски.
Во пожарот, кој избувна вчера попладне околу 16:30 часот, биле зафатени дел од фоајето и неколку катови од зградата. Во гаснењето учествуваа 40 пожарникари со 20 противпожарни возила. Се претпоставува дека пожарот избувнал во салите со компјутерски сервери. Според првичните информации најверојатно станува збор за неисправна и застарена електрична инсталација.
Поради тешкотии со дишењето, маж на околу 35 години бил пренесен во Клиниката за хирушки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Како што известија од болницата, неговата здравствена состојба е стабилна.
Додека да се санираат штетите од пожарот, управата Македонски пошти ќе биде префрлена во зградата на скопската Пошта 2, во Транспортниот центар во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.