Aроганција и мрзливост, тоа е оставнината на поранешниот лидер, кој овие „квалитети“ им ги предаде во владение како препознатлив белег и неизоставен дел од генетскиот код на политичарите од СДСМ, вели еден пријател, познат новинар, според кој и децата на овие политичари уште од мали растат со поинакви сфаќања. Нивните родители не ги плашат со баучи, вештерки, вампири, џуџиња и други митски суштества. Од самото раѓање, децата ги плашат со зборот „работа“. Споменувањето на овој збор треба да предизвика страв на нивните детски лица или, во спротивно, тие не ја научиле лекцијата.
Ароганцијата и мрзливоста секогаш одат заедно, односно првата ја продуцира втората карактеристика. Светските психолози одамна се занимаваат со овој феномен, кој зафаќа различни сфери во животот и во општеството, а Македонија ја има честа да го има како ендемски ефект во политиката, заедно со пастрмката и со моликата…
Во текот на историјата некои луѓе, едноставно, минуваат без да вложат труд. Едноставно, тие земаат повеќе од тоа што го даваат, вели познатиот американски психолог Доминик Џ. Маглио, автор на повеќе дела на оваа тематика. Во минатото, вели Маглио, ваквите непродуктивни личности биле јавно жигосувани затоа што биле вистински товар на луѓето што добро и мачно си ја работеле својата работа, каква и да е.
Денеска, пак, во општеството е зголемена толеранцијата кон луѓето што многу зборуваат, но не прават ништо. Тие немаат способност за сопствена критика и се отпорни на вакви авторитети. Тие лажат дека можат да направат и изведат работи, но кога ќе ја добијат можноста за да го прикажат тоа, не успеваат. Ние гледаме премногу луѓе што арогантно веруваат дека вршат добра работа, а, всушност, лажираат. Тие, едноставно, научиле како да глумат успешност, вели д-р Маглио. Лажната самодоверба ве дига во моментот, но сето тоа исчезнува кога ќе дојде првата тешка ситуација пред вас. Дури и вака воспитаните деца немаат дополнителни вештини, навики и упорност да се соочат со животните проблеми. Предавањето на ситуацијата е многу полесно од надминувањето на проблемот. Во нашиот конкретен случај, пак, неработењето е компензирано со создавање афери, прикаски, протести, бомби…
Кога кон сето тоа ќе го додадете неспорниот факт за чувството на предодреденост за владеење и божемната сина крв, која ја имаат од нивните родители и предци, кои биле успешни, па успешноста на нивните рожби се подразбира со самото раѓање, доаѓате до една многу интересна и светски ендемска формула за карактеристиките и за формирањето на еден политичар.
Кон ова се надоврзува уште еден грд факт, кој вели дека од редовите на опозицијата и нивните највисоки структури произлегоа многу веќе „верификувани“ кодоши, луѓе што поради успех во кариерата, буквално, газеле преку трупови, семејства, судбини… Јавна тајна е како во времето на Тито и на поранешна Југославија се добивала висока функција, а уште појавна како таа се задржувала и што сѐ требало да се направи за неа. Голем дел од наследниците на комунистичката партија, чиишто простории и имот користат до ден-денешен, како нивни неприкосновени сукцесори, во своите синокрвни биографии имаат ред поколенија што биле на високи позиции, во најмала рака веднаш по осамостојувањето на Република Македонија. Најтажниот дел од оваа приказна е што наследниците на овие луѓе, за кои во повеќе наврати се покажа дека се и директно вклучени во дејствата на УДБА и во службите од претходниот систем, сега зборуваат за режим?! Впрочем, најгласните осуди на актуелната владејачка структура дојдоа директно и лично токму од две лустрирани личности, високи функционери на СДСМ, кои и денес зборуваат за истиот тој режим и диктатура. Од прва рака, нели?
Федерализација на прославите, мислењето, движењата…
Како најлесно да уништите едно граѓанско движење? Едноставно и лесно, исполитизирајте го и оставете го да изгние со идеолозите на партијата. Ова би било и најкусото сценарио на студентските протести, чиишто „лидери“ се сетија и на законот за хонорарците. Според многумина светски мислители, студентот како основа на прогресот во позитивна смисла е најсаможивото и најсамобенисано суштество, чувство што помага во творештвото, на научно и творечко ниво. Но не и кај нас. Кај нас студентските лидери мислат на хонорарците, на идните генерации академски граѓани, а уште малку, каде и да е, ќе се фатат сериозно и со гладот во Африка, режимите во Јужна Америка и правата на обоените во САД. По малку парадоксално, но нашите студентски лидери напати личат на убавица од изборот на „Мис на светот“ и на прашањето: Што сакате да постигнете со овие протести? Очекувате да слушнете: Сакам мир во светот и сите деца да бидат сити! Раде Подвожњак во 1968 година, сигурно, би се засрамил од своите наследници, но не и опозиционерите, на кои голем број од татковците се бореле токму со „непрокопсаните и идеолошки замаените студенти“ при најголемите протести во историјата на екс СФРЈ.
Успешната инфилтрација на политиката во студентските движења постигна уште еден спротивен ефект, прво го уништи протестот, а потоа ги подели и студентите. Поделбата е јасна – тие што протестираат и тие што не сакаат да го направат тоа, свесни за влегувањето во играта од која партиските користољупци тријат раце и ги бројат дојдените. Интересно е што дел од професорите, кои, инаку, со децении се дел од раководните тела на СДСМ, а не можеа да издржат и да не излезат на протестите, иако притоа ги обележија со истото тоа присуство, во контраударот кон неистомислениците, дури и во пишана форма, зборуваа за себе во трето лице еднина. Истиот граматички феномен, кој е, сепак, психолошка категорија, милува да го практикува и нивниот лидер, кој по неколку пати во едно интервју си се нарекува со сопственото име. Елса Ронингстам, професорка по клиничка психологија на Харвард, вели дека „Ако наеднаш си постигнал голем успех, користење на трето лице може да биде начин да се приспособиш на поголемата улога што ти е доделена. Тоа е начин да ’пораснат‘ за да ги собере таа улога“. Психијатарот, д-р Владимир Груден, нагласува: „Можеби, најважната компонента е одговорноста, од која овие луѓе бегаат. Тоа се луѓе на кои им недостига самопочит бидејќи луѓето што држат до себе не бегаат од одговорноста. Станува збор за нарцисоидни личности кои имаат страв од критика и одговорност“.

Не се штедат ни граѓански пари за нагласување на посебноста
На опозицијата, освен со употребата на шизофреничното трето лице еднина, ѝ оди добро и со поделбите. Атавизмите од позната „Федерализација а ла фрчковизација“ се чувствуваат на секој чекор. Човекот јасно и гласно предлагаше федерализација на Македонија по партиска основа, да не плаќаат данок на актуелните власти, да купуваат кај своите итн. Основа премиса на враќањето на власт би била „раздели, па владеј“, премногу ретро и нефункционално на избори, каде што дури и математички ти е потребен збир, а не делење…
Од една страна е нагласувањето на нивната посебност, а од друга е желбата таа посебност јасно и јавно да се промовира. Комплексот „ние сме подобри од вас“ и ние можеме подобро (не со работа, нормално) се промовира постојано. Добра презентација беа и 5.000 тимови, кои по четири месеци од најавата толку добро си ја вршат работата што никој жив во државата не ги видел. Партиските членови на прес-конференции неколку пати споменаа дека тие се на терен. Проблемот се јавува во едноставниот факт- каде опозицијата пронашла 5.000 тимови или најмалку 10.000 лица што знаат толку добро да се камуфлираат и стопат со околината, та никој жив да не ги види ни забележи. Затоа што се поинакви од „нормалните“ партиски тимови, нели… Истото е и со најавуваната влада во сенка, која поради „инаквоста“ стана сплет на некакви комисии, па кандидатите за пратеници што не ги знаеше никој, освен нивните семејства итн., итн.
Врвот на инаквоста, сепак, секогаш се достигнува во центар. Но, во овој случај, не во центарот на партијата, туку во една од двете нивни општини, која води во посебноста. И оваа година, како, впрочем, и минатата, општината промовира паралелна прослава за Нова година. На само 500 метри Центар ќе ѝ контрира на традиционалната прослава. За овој ќеф, општината ќе потроши 80.000 евра, кои со дополнителните трошоци, сигурно, ќе станат „стотка“. Како и да е, премалку пари за демонстрација на инаквоста…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 123. број на неделникот „Република“, 9.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


