Политичкиот лидер на Хонг Конг, Си Леунг изјави денеска дека потребата за економски раст во територијата е поважна од барањето за повеќе демократија.
Во првиот негов јавен настап по минатогодишните масовни демонстрации на активистите за вистинска демократија, Леунг зборуваше за политичките состојби во оваа автономна територија во НР Кина.
Според Леунг, Хонг Конг ќе западне во анархија доколку се исполнат барањата (на демонстрантите) за универзално право на глас.
Говорот на политичкиот лидер Леунг, кој ја има улогата на премиер во оваа кинеска територија со посебен статус и со уредување различно од она во НР Кина, беше одложен за неколку часа, затоа што неколкумина продемократски активисти организраа протест во зградата на законодавниот дом во Хонг Конг, барајќи од него да поднесе оставка и да замние од функцијата.
Зборувајќи за состојбите во територијата што предизвикаа загриженост во Пекинг, како и реакции во меѓународната заедница, Леунг рече дека Хонг Конг „мора да избира меѓу универзалното право на глас и економскиот застој“. Тој смета дека продемократските активисти не ги разбираат целосно законите на територијата.
– На Хонг Конг никогаш не му било ветено целосна политичка автономија – рече Си Леунг.
Реформите на политичкиот и изборниот систем, што треба да стапи во сила во 2017 година, предвидуваат луѓето на оваа територија да можат на директни избори да го изберат лидерот на Хонг Конг, но од кандидатите кои ќе бидат одобрени од властите во Пекинг.
Демонстрантите кои два месеци протестираат на улиците на Хонг Конг, бараат кандидатите за човекот што ќе управува со територијата да бидат определени од луѓето кои таму живеат и гласаат, на што Кина остро се спротивставува.
Минатиот месец протестите беа насила прекинати, откако полицијата ги растури камповите што демонстрантите ги градеа на булеварите и јавните површини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.