Ако се родеше како машко, новата претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ би се викала Арсен, а да не бееше тогашната поп-ѕвезда во Југославија, Зденка Вучковиќ, мајка и ќе и дадеше име-Ксенија. Колинда Грабар Китаровиќ е родена на 29 април 1968 година. Анегдотата врзана за нејзиното раѓање открива дека татко и Бранко на нејзината мајка Дубравка по породувањето под прозорецот и ја пеел песната на Зденка Вучковиќ „Колинда“ и тека токму тој настан одлучил за името на хрватската претседателка, пишува „Јутарњи лист“.
Колинда била одличен ученик во основно училиште, со сите петки, освен од еден предмет во седмо одделение-физичко. Нејзината мајка открила дека Колинда одлучила седмото одделение да го заврши со сите петки и дека до крајот на школската година упорно трчала околу игралиштето за да ја поправи оценката.
Еднаква упорност покажа и во претседателската кампања. На почетокот на претседателската трка нејзината кампања беше критикувана како хаотична, лоша и без содржина. За да го исправи тоа, таа помина повеќе од 30 илјади километри низ Хрватска во обид своите избирачи да ги убеди во спротивното. И судејќи според резултатите, очигледно успеа. Според нејзините партиски соборци Колинда успеа бидејќи е „ќерка на месарот, девојка од село, поблиска до луѓето отколку Јосиповиќ“, пишува „Јутарњи лист“.
Колинда Грабар Китаровиќ доаѓа од семејство кое нема значајно политичко педигре. освен прадедото Виктор, кој бил еден од основачите на ХСС, никој во поблиската фамилија која потекнува од селото Лубарска не се занимавал со политика. Таткото Бранко во приземјето од куќата до крајот на 80-тите години држел месарница, а во соседното село Лопача семејството поседува фарма со 22 крави. Била, објаснува мајка и, единствено девојче во селото, а кога не си играла со момчињата вежбала математика, па набргу почнала да оди на натпревари. Успеала да се запише во гимназијата во Риека, а кон крајот на трета година дознала за програмата за студентска размена во САД. Се пријавила, сама нашла семејство каде што ќе престојува, извадила виза и добила стипендија. Се запишала во средното училиште во Лос Аламос, во американската држава Њу Мексико.
Кога се вратила од Америка добро поткована со знаење на англискиот и шпанскиот јазик се запишува на Филозофскиот факултет да изучува англиски, шпански јазик и литература.
За време на студиите живеела во студентски дом, но кога собрала доволно хонорар од преводи и предавања во приватните школи за странски јазици, Колинда изнајмила сопствен стан. Набргу се вработува во министерството за наука и технологија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.