Календарски почна ново поглавје, нови страници полни со надежи и со очекувања. Навистина е тешко во целост да се предвиди како ќе се одвиваат овие 360 денови што следуваат, што ќе се исполни од очекуваното, колку и колкави изненадувања ќе донесат. По правило, последниве години тоа што се пренесува како товар преку новогодишниот праг со сигурност го определува барем првото тримесечје од годината. Пред сѐ, политичките (не)релации, ефектите од предложените реформи во сите сфери на образованието, понатаму зафатите во поглед на здравственото осигурување на хонорарците.
Во оваа година се пренесе и, можеби, најакутниот проблем на македонската политика – инаетењето. Новава 2015 година не е престапна, не е ниту изборна. Изборите останаа во 2014 година, но откако опозицијата остана заглавена во времето, останува да виси опцијата за повторување на тој процес. Барем парцијално, таму каде што ги изневери своите поддржувачи. Евентуалното одземање на мандатите, како и процесот за ефектуирање на пратениците, оваа година ќе добијат продолжение во Собранието.
Во почетокот на годинава се очекува резултат од двата зафата, кои беа бурно дочекани. Реформите во образованието и реформата со која и хонорарните соработници ќе двојат за здравството. Сето тоа не може да се гледа изолирано од „бомбастичната“ атмосфера што ја креираа лидерите на СДСМ. Но, сепак, сето тоа е далеку од тоа што се најавуваше. Значи, се пренесе и очекувањето, кое како влог го зеде целиот опозициски кредибилитет. И повлекување доколку не успее да ја смени власта. Можеби, но само можеби, опозицијата годинава гледа надеж во најавата на власта дека и за сметка на политички поени, реформите ќе се ефектуираат. Но, политикологот проф. Жидас Даскаловски во тоа не препознава предност на опозицијата.
– Непродуктивни и бескорисни се сите бомби што се најавуваат од СДСМ предводен од Заев. Сите погрешни потези и незадоволство на граѓаните со одредени потези на власта, СДСМ не умее да ги ефектуира на свое конто, меѓу другото и поради реториката што ја употребува и немањето јасна претстава на граѓаните зошто СДСМ е алтернатива на ВМРО-ДПМНЕ, т.е. како тие би донеле подобра иднина за земјата наспроти владејачката коалиција – смета Даскаловски.
– Реформите во даночната и во образовната сфера ќе се спроведат и покрај протестите и негодувањата кај дел од јавноста. Со тек на времето овие теми ќе бидат заменети со други, поактуелни. Протестите ќе продолжат во оваа или слична форма, но нема да бидат главна тема – додава Даскаловски.
Се чини дека најизвесни се процесите што се и главните определби на оваа власт – инвестициските и евроинтегративните процеси. Но тие, рака на срце, се повеќе или помалку полесни за предвидување. Особено што по признавањето од Брисел за замореност, а грчката сопирачка влегува во втор план, може да се очекува дека економскиот развој би можел да ја кутне високата поддршка на евроинтеграциите, особено таа да се влезе во ЕУ „по секоја цена“. Кога на терен се ефектуираат сите вработувања во охридско-струшкиот регион, потоа во кумановско-кривопаланечкиот, вклучително со инфраструктурните зафати, тогаш, како што вели Даскаловски, ќе се смени и перцепцијата за проблемите.
– Евроинтеграциите повторно ќе бидат замрзнати поради грчкото противење за почеток на преговори, а пристапниот дијалог на високо ниво веќе нема ни смисла, ни идеја зошто да се спроведува. Евентуална нова криза во Грција во односите со Брисел по победа на Сириза на парламентарни избори би можело да даде некаква надеж за Македонија за некакво помрднување, но постои мала веројатност да се случи тоа и претпоставува решителност на Берлин, Вашингтон и на Брисел да се стабилизира целиот регион со продор во интеграциите и на Македонија и на Босна и Херцеговина и на Србија и на Косово. Затоа, економскиот развој, инвестициите и намалувањето на невработеноста ќе бидат клучни теми за владејачката коалиција и годинава, а успесите на ова поле само ќе ја засилат нивната позиција во однос на другите партии – смета Даскаловски.
Меѓуетничките релации, кои лани беа ставени на тест поради радикални елементи и националистички страсти, се чини дека ќе бледнеат. Првенствено, заради подобрената економска слика, но и како резултат на прецизното формулирање на проблемот, кој не можеше да се изостави од глобалниот тренд на спречување на исламскиот радикализам. Затоа, сите лански фотографии од уличните собири нема да пренесат некаков посериозен ефект врз стабилноста на државата во оваа година.
Сето ова говори дека главна карактеристика на деновите што доаѓаат ќе биде економијата. Во форма на инвестиции, во форма на инфраструктура, во форма на креирање пазар на труд по мера на инвеститорите, во форма на намалување на сивата економија, па и во форма на соживот. Секако, таа анализа спаѓа во доменот на економијата, а тоа е сосема поинакво поле. Но, и во овој обид за политичко општествено предвидување на 2015 година е неизбежно да се нагласи, бидејќи токму економските реформски зафати ја определуваат поддршката во која ужива владејачкото мнозинство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст