Грција ќе остане во еврозоната, изјави претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, кој ги смета како шпекулации дебатите околу евентуалното повлекување на земјата од еврозоната, повикувајќи да се почекаат резултатите од предвремените избори кои се закажани за 25 јануари.
Тој истакна дека разговарал со лидерот на грчката партија СИРИЗА, Алексис Ципрас на кого му нагласил дека евентуален едностран прекин на плаќањата на долгот од страна на Грција може да доведе и до прекин на помошта од ЕУ.
Шулц додаде дека изјавите на Ципрас никогаш не предизвикале потрес на берзите, туку само воделе до конфронтации во Брисел и Берлин.
– Нема апсолутно никаква смисла да зборуваме дали еврозоната полесно ќе го прифати евентуалниот излез на Грција, отколку пред три години. Таа е членка на еврозоната и се надевам дека така ќе остане – истакна Шулц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.