| четврток, 6 декември 2018 |

Откриена црната кутија на фериботот „Норман Атлантик“

Фериботот „Норман Атлантик“, кој пред пет дена беше зафатен од пожар при што загинаа најмалку 13 лица, беше влечен и закотвен во италијанското пристаниште Бриндизи, јави ДПА.

Италијанските пожарникари и иследувачи со гас-маски се качија на бродот каде ја открија црната кутија, која ќе им помогне да утврдат во кои околности дошло до пожарот.

Делови од фериботот се уште се во пламeн, поради што потрагата по телата е одложена за денеска. Грчките власти соопштија за 19 лица кои се сметаат за исчезнати по избувнувањето на пожарот, но се стравува дека на бродот имало голем број нерегистрирани патници, илегални имигранти, и оти црната бројка би можела да биде поголема.

После неколку обиди, обвинителот Еторе Кардинали се качил на бродот синоќа, но соопшти дека е невозможно да се дојде до клучниот дел на фериботот, каде се уште е многу опасно. Автомобили и камиони се уште бавно горат на фериботот.

Во меѓувреме, во италијанскиот град Бари почна истрага уште против четири лица. Се истражува вината на капетанот на бродот, директорот на бродоградилиштето, двајца членови на екипажот и претставник на компанијата „Анек“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top