| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците годинава биле среќни, а оптимисти се дека наредната ќе биде подобра

срекни

Македонците во 2014 година се чувствувале среќни. Педесет и четири проценти од граѓаните кои биле анкетирани во рамки на истражувањето на Брима Галуп изјавиле дека во текот на изминатата година биле среќни, а 11 проценти несреќни.

Осум проценти од среќните граѓани се изјасниле дека биле многу среќни, а четириесет и шест проценти дека биле среќни.

Македонците се оптимисти дека и претстојната 2015 година ќе биде подобра од претходната, но истражувањето покажува дека оптимизмот е помал во однос на 2014 година бидејќи сега 33 проценти од анкетираните сметаат дека следната година ќе биде подобра за разлика од 2014 кога оптимисти биле 37 проценти од граѓаните.

Исто како лани 33 проценти од анкетираните очекуваат дека и 2015 година ќе биде исполнета со економски тешкотии, додека 40 проценти сметаат дека претстојната година ќе биде иста како оваа што изминува.

Според истражувањето, 38 проценти од анкетираните во Македонија се подготвени да се борат за својата држава доколку има војна, а речиси секој втор не би се борел.

На глобално ниво, 70 проценти од анкетираните се изјасниле дека се среќни што е за 10 процентни поени повеќе од минатата година. Од 64.002 испитаници, само 6 проценти се изјасниле дека се несреќни што е намалување во споредба со лани кога несреќни биле 12 проценти.

Најсреќна држава е Фиџи каде 93 проценти од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат среќни, а од државите во источна и западна Европа најсреќен е народот во Финска. Како најнесреќна држава во светот е Ирак каде едно од три лица се изјасниле дека се несреќни, а во источна и западна Европа најнесреќни се чувствуваат Грците.

Државите во Африка и Азија се најуверени дека претстојната година ќе биде подобра од 2014, а во западна Европа само 12 проценти од граѓаните веруваат дека 2015 ќе биде година со економски просперитет.

Истражувањето „Крај на годината“ е спроведено во 65 држави во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top