
Владата донесе одлука за укинување на задолжителната задолжница. Законското решение со кое задолжницата стануваше задолжителна е на дневен ред на денешната собраниска седница, а најновата одлука ќе се спроведе со предлагање амандман на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за задолжница.
Владата постапи по барање на бизнис-заедницата, која побара задолжницата, како и досега, да остане на доброволна основа.
Законот за задолжница е донесен во 2012 година и со него се пропиша издавање на инструмент за обезбедување на побарувањата, со цел да се подобри ликвидноста во стопанството и да се обезбеди сигурна и побрза наплата на паричните побарувања во деловните односи. Издавањето на задолжницата беше пропишано на доброволна основа. Донесувањето на Законот беше поддржано од бизнис-заедницата како механизам за подобрување на наплатата и ликвидноста во стопанството.
Со измените на Законот во 2014 година се предлагаше задолжително издавање на задолжница во должничко доверителските односи со кои се создаваат обврски над 300.000 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


