| четврток, 6 декември 2018 |

Потезите на Путин – сакан и мразен, ги предопределија преломните промени на годината

Russian economy will overcome crisis in two years - Putin

Списанието за топ листите Форбс, втора година по ред го избра рускиот претседател Владимир Путин за најмоќната личност на светот. Франс прес исто така го класира Путин на чело на највлијателните личности за годинава која изминува.

Тоа што обликот на 2014 како преломна во голема мерка беше определен од политиката и потезите на Путин најмногу во врска со украинската криза, не подлежи на сомнеж. Затоа што она што се случува во и околу Украина го промени светот – на убаво или на лошо. По анкесијата на Крим од Русија, по прорускиот бунт во источна Украина, со која една од најголемите европски држави беше исправена пред расцеп, по воведувањето на западните санкции и возвратните „удари“ на Русија, се зборуваше за рушење на воспоставениот светски поредок и за враќање на Студената војна.

И во сите тие вознемирувачки моменти, Владимир Путин беше централна фигура. Едни го сакаат – најмногу во неговата татковина, но и на други места во светот. Неодамна бунтовните хаитанци бараа тој да дојде и да доведе ред во нивната земја. Други не го сакаат – оваа година тој е демонизираниот антихерој за западните медиуми, кои го прогасија за предавнички агресор. Дури извесни политичари го споредија со Хитлер и со Сталин, правејќи паралела со аншлусот на Австрија во 1938 година, и со ликвидирањето на Чехословачка како резултат на Минхенскиот договор од 1938 година.

Путин со лик на мачо тип е особено популарен помеѓу жените, посочуваат многу анкети, и тоа не само во Русија. Но тој е и загадочна и непредвидлива личност – како што му доликува на поранешен шпион – и тоа го прави тежок партнер за западните лидери кои и така не можат да го избегнат и треба да воспостават лични односи со него: тој е на челото на огромна, и тоа нуклеарна држава, колку и да ги оспоруваат неговите стилови. Неговите потези често ги изненадуваат и ги ставаат во незгодна позиција и пред дилема како да реагираат.

Сакан или не, Путин е веќе 15 години лицето на Русија и го тера светот да се сообразува со него. Дури и при постоењето на се поголемата моќ на Кина со нивиот лидер Си Џинпинг кој брзо ја зацврсти власта, и при застрашувачкиот лидер на Исламска држава Абу Бакр ал Багдади и на неговиот исламски калифат, очиледно е дека Путин е човекот од кого САД најногу стравуваат сметајќи го за закана за американската хегемонија во светот.

Впрочем и самиот Путин не крие дека нема да се помири со стремежот на САД „да го преуредат светот на основа на сопствените интереси“.

– Повеќе не може да постои светски мир кој САД се обидуваат на сите да им го наметнат. Тие просто не можат да се справат со таа ролја која самите решија да ја одиграат. Тие не можат да ја гарантираат безбедноста во светот. Туку обратно, нивните дејствија создаваат уште поголем хаос, рече тој.

Тогаш Русија природно може исто така да дејствува со добри намери. И неговите дејствија и изјави во текот на годинава сосема се иентични со неговиот став. Во една од неговите програми со внатрешно политички речник пред Валдајскиот клуб во октомври, тој се изрази исклучително сликовито: „Руската мечка нема да сака дозвола. Кај нас таа се смета за стопан на тајгата и нема намера – и јас тоа многу добро го знам – да се преместува во други климатски зони, затоа што таму не и е удобно. Но таа нема да му ја отстапи никому својата тајга. Мислам дека тоа треба да се разбере“. Реченото е повеќе од јасно, со силно проѕирна алузија.

Путин може да си дозволи да зборува така затоа што зад него стои огромниот воен потенцијал на Русија. Всушност, многумина ја сметаат неговата тврда линија за време на украинската криза како утврдување на вкоренетите позиции на Русија по годините постсоветски хаос. Имено, со неговите први два мандати во Кремљ се поврзува воспоставувањето на политичката, а до некаде и економската стабилност на државата.

Путин смета дека дојде времето да ја врати Русија како суперсила на меѓународната арена. Тој верува дека е месијански преодреден да го стори тоа. Не ја крие носталгијата по СССР, чие распаѓање го нарече „трагична грешка“. Американците исто мислат, и тоа не без основа, дека Русија е единствената земја која во моментов стои на нивниот пат на хегемонијата во светот и на секој начин се фокусираат да ја ослабат.

Однесувањето на Путин сериозно ја плаши Америка, затоа што како човек на КГБ тој одлично ги разбира методите на сила, со кои САД се служат да го наметнат своето влијание во светот, и не се свесни дека тој ги копира кога е тоа во интерес на Русија и да им парира на американските чекори со слични потези.

Путин е убеден дека американците сакаат да го симнат од власта и да извршат промена на режимот во Русија. Неговото искуство како КГБ-овец жител во поранешната Источна Германија му вели дека „горилата“ од Вашингтон порано или подоцна ќе направат таков обид. Според повеќето аналитичари, токму тоа и го мотивираше неговото поведение во украинската криза.

За Путин уште до самиот почеток случувањата во Украина треба да се гледаат како насилно геополитичко меропријатие, подготвено од САД како продолжение на нивната цел на опколување на Русија, и тоа бара соодветен одговор. И тој не се поколеба да ја предизвика целата меѓународна заедница како што реши и дека не може да го остави стратешкиот Кримски полуостров и да ја предаде контролата над целиот Црноморски регион во рацете на новите прозападни власти во Киев. Русија за Крим војувала со векови, а советскиот лидер полу-украинецот Никита Хрушчов, со неговата „неразумност“ и го врати Крим на „братска Украина“ по административен  пат во 1954 година, сметајќи дека СССР ќе биде вечна. Но Путин реши дека е сега времето таа „историска грешка“ да биде исправена.

Тој даде силна поддршка на прорускиот бунт во источна Украина, но е исклучително попретпазлив затоа што е убеден дека Американците сакаат да го вовлечат во директна воена конфронтација со украинските вооружени сили, за да биде распалена регионална војна во Европа. Според него, стратегијата на САД во тој случај е колку антируска толку и антиевропска, и неговото најголемо разочарување е што западноевропските политичари, а  најмногу германскиот канцелар Ангела Меркел, не ги прифаќаат неговите аргументи и ги следат американците. Според него, тоа е заблуда за која европјаните скапо ќе платат.

Неговата насилно-агентурна мисловна позиција не ја прифаќа хипотезата дека утврдените по Втората светска војна принципи во меѓународните односи можат да имаат апсолутно значење и да го определуваат поведението на државите како последна инстанца. Освен тоа тој смета дека тие принципи се наложени од западот, а најмногу од САД, и не соодветствуваат со новите реалности во светот и со интересите на повеќето држави во светот, кои сакаат да се спротивстават на американската и западната хегемонија.

Затоа со силен вектор во руската политика, управувањето на Путин добива и се поантиамериканска идеолошка реторка, која се истакнува во редица клучни зборови и изјави дадени во текот на годинава. Во нив тој ги обвинува САД за двојни стандарди за нивното поведение низ светот, и развива тези и постулати кои впрочем наоѓаат прифатлив оддек во редица држави, вклучувајќи и меѓу гигантите од таканаречената конфигурација БРИКС. А тоа значи дека да се зборува за изолација на Русија е преусилено.

Путин веќе им се спротивстави на САД на практично секој фронт од новата Студена војна – за Украина, Сирија, Иран, Авганистан, Либија, за гасоводните и енергетските мрежи. Русија амбициозно ја исполнува програмата за модернизација на своите вооружени сили, вклучително и на стратешкиот нуклеарен арсенал, и активно подготвува одговор на американскито систем ПРО. Руските авиони повторно и се почесто патролираат над северните мориња, над Балтикот и Атлантикот, и го „опипуваат“ натовското воздушно пространство со дразнење на западните сојзници на начин кој тие одамна го заборавиле.

Тој мисли дека механизмот на „воздржаност и баланс“ на кој во изминатите децении напорно работеше, а понекогаш и мачно, не би требало да биде сменет.

Големото прашање е, всушност, дали Русија има капацитети и ресурси да опстои на таквата политика. Велат дека Путин е џудист и како таков владее со способноста да ја искористи силата на противникот во своја полза преку итри технички потези. Но неговата слаба точка не е надворешниот, туку внатрешниот фронт. Путин успеа да воведе привиден ред во многу области, со исклучок на една, но таа е и најважната – руската економија. Таа и така си остана зависна од енергетските и други суровини за сметка на оние нешта кои ги прават животите на луѓето полесни и попријатни. Притоа, во неа владее едно малуборјно малцинство од олигарси и богаташи чиј екстравагантен стил на живот е во центарот на светското медиумско внимание, за сметка на една се посиромашна и безнадежна маса. Владеењето на Путин се потпира на првите и на неговата способност да им создава услови да уште повеќе печалба, или барем да го зачуваат тоа што го имаат.

Во услови на санкции – а тие очигледно ќе останат уште долго време – всушност тоа едвај ќе биде и возможно уште повеќе кога и цените на енергетските суровини нагло паѓаат (а таму Путин исто така ја гледа долата рака на САД). Во моментов е во тек целосно ревидирање на сите расходи на државата и кратења на програми. Плод на тие економии веројатно е и откажувањето од грандиозниот проект Јужен тек, кој сега Москва се обидува да го претвори во пропагандна победа.

Во Кремљ, опкружувањето на Путин е полно со таканаречени моќници. Меѓу нив се министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, на војската Сергеј Шојгу и редица други, повеќе или помалку познати, но доволно моќни. Путин одлично знае дека ако неговите ризици и блефови не се оправдаат, или пак ако во Украина нештата земат негативен за Русија пресврт, олигарсите веројатно ќе си побараат друг сојузник во Кремљ. А се повеќе руси ќе се прашуваат кој е виновен за влошувањето на состојбата, а одговорот нема да биде тежок. Позициите на власта за Путин одамна не се толку нерасклатливи како што изгледаат.

Моќниците веќе успеаја во заднина да го истуркаат премиерот Дмитриј Медведев, кој го сметаат за многу мек и либерален кон западот и за приврзеник, иако срамежливо, но неудобни за нив структурни економски реформи. Така Путин се лишува од еден од своите основни сојузници досега.

Најстрашното сценарио е тие задкулисни борби во Кремљ да излезат на виделина и да доведе до отворен општествен и граѓански конфликт во Русија. Сериозни западни, но и руски аналитичари, не исклучуваат таков развој со сите непредвидливи последици. Тие дури сметаат и дека извршувањето на длабока промена во Русија, со цел да се открие патот за неопходните за земјата длабоки економски и политички реформи, е невозможен на друг начин.

А револуциите не се нешто непознато во руската историја…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top