Во Љубљана денеска почина Томаж Шаламун, еден од најзначајните и најпознатите словенечки поети, добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2009 година.
Роден е во 1941 година во Загреб, Хрватска, а израснал во Копар, крајбрежен град во Словенија, јужно од Трст. Тој се смета за еден од големите повоени поети од централна Европа. Во 1966 година дипломирал историја на уметност на Универзитетот во Љубљана, но една средба со словенечкиот поет Дане Зајц го насочила по патот на поетското творештво.
Шаламун бил водечка личност во словенечката поетска авангарда во 60-те и 70-те години од дваесеттиот век. Во 60-те години учествувал во различни студентски движења, во 1964 година бил затворен поради напис во ревијата Перспективи, во кој ја критикувал културната политика на тогашниот режим. Бил ослободен по неколку дена, благодарение на протестот на неколку значајни словенечки интелектуалци од тоа време. Истовремено, се запознал и со поетот и политичкиот дисидент Едвард Коцбек, кој извршил влијание врз него во поглед на потрагата по сопствен поетски израз.
Во раните 70-ти поминал две години во Ајова во рамки на Меѓународната програма за писатели, и оттогаш повремено живее и во САД. Шаламун работел како визитинг професор на универзитетите во Алабама, Тенеси, Џорџија, Масачусетс, Питсбург и Ричмонд. Во 1996 година станал културно аташе во словенечкиот конзулат во Њујорк и поминал неколку години на фунцијата.
Во своите почетоци, Шаламун бил под влијание на модерната словенечка поезија (Едвард Коцбек, Дане Зајц и Сречко Косовел), на францускиот симболизам и српскиот надреализам (Васко Попа). Во почетокот на 70-те, му се доближил на поетсиот израз на американската Бит генерација и њујоршката поетска школа (Џон Ешбери, Френк О’Хара). Читањето на Борхес, заедно со мексиканското искуство (живеел во Мексико од 1979 до 1981 година) го довеле Шаламун поблиску до латино-американската и до шпанската традиција; за него било многу значајно откривањето на творештвото на перуанскиот поет Сезар Ваљехо, како и на мистицизмот на барокот, претставен преку Сан Хуан де ла Круз.
И 80-те години претставуваат пресвртница, окарактеризирана со приближувањето кон деконструкцијата. Сепак, во средината на 80-те, во поезијата на Шаламун се враќа влијанието на мистицизмот и барокот, овој пат модифицирано низ едно лаканово толкување. Во овој период, поетот почнува да покажува интерес за Кабалата, хебрејскиот мистицизам на Гершом Шолем и за персискиот поет Руми.
Објавил 42 збирки поезија на словенечки. Благодарение на поетското богатство на своето творештво, Шаламун е еден од најплодните, најголемите претставници на современата словенечка поезија, а неговото поетско творештво е преведено на дваесетина јазици. Со своето творештво отвора поетски изрази и и ќе отвори поетски простори кои за целокупната словенечка, но и целокупната современа европската поезија.
Одбегнува да пишува во прво лице, при што поетското е скриено во јазикот, во скриениот раскажувач, кој говори преку вештата измена на асоцијации, со ненаметлив, ироничен и потсмешлив говор, така што никогаш не ја искажува песната непосредно од себе, туку со гласот на незаинтересиран поет, кој си игра пред очите на читателите. Постојано изнаоѓа соодветна и неповторлива структура за своите стихови, што е своевиден белег за неговото неговото творештво.
Добитник е најзначајните литературни награди во Словенија, како Јенковата, Прешерновата, наградата Младост, но и на редица меѓународни награди, меѓу кои и на „Златниот венец“ на СВП во 2009 година. Беше член на Словенечката академија на науки и уметности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.