Кандидатите за градоначалници на град Скопје и на општина Бутел, Коце Трајановски и Петре Латиновски, заедно со носителите на советничките листи за советите на Градот Скопје и на Општина Бутел, Владо Поповски и Боби Бојчевски, денеска ги промовираа проектите за пробивање на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош и реконструкцијата и проширувањето на улицата Босна и Херцеговина.
Во програмата на Трајановски е предвидено Град Скопје да изработи техничка документација за продолжување на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош од подвозникот и ќе се поврзе со заобиколницата. По изработката на техничката документација ќе се пристапи на реализација на овој проект, што ќе зависи од расчистувањето на имотно-правните односи кои се на неговата траса. Трасата на која ќе се пробие новиот дел од булеварот Христијан Тодоровски-Карпош е во должина од околу 1.750 метри.
– Пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош е од големо значење за град Скопје и за општина Бутел бидејќи тука гравитираат и општините Чаир и Гази Баба и со неговата реализација ќе се овозможи алтернативен влез од општина Бутел до градот Скопје, бидејќи сега улицата „Бутелска“ е единствениот влез и излез кон градот и таа е сообраќајно оптоварена, пред сè во сообраќајниот шпиц – посочи Трајановски.
Во новата програма е предвидено и изработка на проект за проширување и реконструкција на улицата Босна и Херцеговина. Оваа сообраќајница ќе се прошири на потег од булеварот Христијан Тодоровски-Карпош до булеварот Словенија во должина од 1.200 метри, каде што ќе се добие модерно сообраќајно решение со четири сообраќајни ленти. Предвидено е да се реализира фазно, во зависност од решавањето на имотно-правните односи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.