
„Нему не му е битно дали сте добар или лош“, ова е дел од рекламното видео на антологискиот „Лош Дедо Мраз“ од далечната 2003 година. Сепак, колку и да е перверзна и смешна содржината на холивудскиот блокбастер, кај опозицијата буди убави сеќавања. Причината е проста, пред 11 години беа на власт. Како и да е, овој пат опозицискиот лидер го засени и Били Боб Торнтон. И нему не му е битно дали сте добар или лош, битно е под елката да посакате да падне владата. Кажа и да не барате среќа зашто ја немало! Слично како и неговиот центарски коалициски партнер, кој им се закани на директорите да не ни помислат да ги сопрат основците ако одат на студентски протести. Ги утна само негувателките во градинките и во јаслите. Хонорарно, пак, лидерот е негативен Дедо Мраз, а професионално се занимава со производство на бомби. Вака, тој опасно се доближи до парадоксот на Алфред Нобел, човекот кој го создаде динамитот, а во покајание и светската награда за мир. Во меѓувреме, бомбата најде погодно тло, се оплоди и од една се мултиплицираше во четири последователни бомби. Лидерот си призна дека и бомбаштвото му влегло под кожа – по првата бомба со која ќе ја урнеле власта, ќе фрлел уште три. Чуму следните три, никој не знае, а ни тој не најде за сходно да објасни. За да биде поврзаноста со Дедо Мраз уште поголема, низ партијата проструи информација или шега дека „бомбата“ ќе се објави на Свети Никола, денот на вистинскиот Дедо Мраз. Симболиката, секако, е името на премиерот. Една од репликите на Били Боб Торнтон, пак, во „Лошиот Дедо Мраз“ е: „Добро размислете пред да ја направите таа глупост“.

Четири бомби за Груевски, трето лице за себе
Седум спрема три, ова е резултатот на изговорените имиња на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и на лидерот на опозицијата и претседател на СДСМ, Зоран Заев, кажани лично од него во ова „независно“ интервју. Зоран Заев трипати рече Зоран Заев. Лидерот често милува да зборува за себе во трето наместо во прво лице еднина. Во ова интервју се надмина: „Јас како Зоран Заев можам да дадам збор дека ќе ги оставам и медиумите и судиите“. „Бомбите на Заев, всушност, се докази“. „Единствениот што може да создаде украинско сценарио во Македонија не е Зоран Заев“.
Елса Ронингстам, професор по клиничка психологија на „Харвард“ и автор на книгата „Идентификување и разбирање нарцисоидна личност“, вели: „Осврнувајќи се на себе во трето лице, тој создава дистанца меѓу јас и тој. Значи, ако имате претерана слика за тоа колку сте голем, со користење на таа дистанца можете да се направите себеси уште поголем. Или, ако наеднаш си постигнал голем успех, користењето трето лице еднина може да биде начин да се приспособиш на поголемата улога која ти е доделена. Тоа е начин да „пораснат“ за да ги собере таа улога“.

Темата е добро обработена во Хрватска, каде што по овој стил се познати Милан Бандиќ, Мишо Ковач и Давор Шукер. Психологот Мирјана Кризманиќ вели дека така зборуваат необразованите и примитивни луѓе. Психијатарот, д-р Владимир Груден истакнува дека лицата што за себе зборуваат во трето лице, сакаат да постигнат поголема почит кај другите.
– Можеби најважната компонента е одговорноста од која бегаат овие луѓе. Кога за себе зборуваат во трето лице, тогаш се ставаат надвор од секоја одговорност. Тоа се луѓе на кои им недостига самопочит бидејќи луѓето што држат до себе не бегаат од одговорност. Кога двајца разговараат вообичаено, тие се подготвени да добијат и пофалба и критика, а тие што за себе зборуваат во трето лице, сакаат да слушнат само пофалби. Тие не се доволно силни за да поднесат критика, не се подготвени на промени и на преземање одговорност. Да сумираме, станува збор за нарцисоидни личности кои имаат страв од критика и од одговорност – вели д-р Груден за хрватско „Дневно“.
Аналитичари: Локално шарлатанство и дигресија од партиска реорганизација

Аналитичарите и правниците се согласни дека играта на Заев ги надмина сите граници. И доц. д-р Иванка Додовска од Правниот факултет во Скопје и аналитичарот Александар Пандов се согласни дека тоа се премногу провидни прикаски за отрпнатиот желудник на народот.
ПАНДОВ: Мислам дека на граѓаните на Македонија одамна им е јасно оти Заев е најобичен локален шарлатан, кој во својот препознатлив стил на трчи-лажи водење политика, истрча на последните анкети со три проценти доверба кај гласачите! Оттука, секој повеќе се плаши од заканата на своето дете дека има намера да испука петарда на улица отколку од бомбите на Зоран.
Пандов вели дека, не дај боже, и да ни се случи заложничка драма на арената „Филип Втори“ со 33 терористи со качулки, вооружени со ножеви и со „калашникови“ и цел стадион заложници, ако повеќе од два месеца не направат ништо, сите ќе сфатат дека сакаат само медиумска промоција. Па, и во градинка, ако учителката толку време лаже дека ќе каже волшебна прикаска, дури и децата ќе сфатат дека ги лаже. Вели, човекот да излезе и да признае дали лаже.
ДОДОВСКА: По сè што досега сум коментирала во врска со ова прашање, единствено нешто што би можела да дополнам е содржано во следново: кој е чесен поради стравот од казна, тој не е чесен. Дотолку повеќе што агилноста на раководството на СДСМ со која упорно се докажува пред јавноста дотурка до самото дно.
Како пример, Додовска ги наведува потезите за увертира со петти ешалон на избори, наводите за нивна нелегитимност и алиби нотарски отстапки за пратеничките мандати.
ДОДОВСКА: Сè до посегнувањето по фабрикувани и комплетно декласирани афери со кои продолжија да го дефокусираат вниманието на граѓаните од најбитната тема на денот, т.е. иднината на актуелното раководство на СДСМ и новата реорганизација на партијата.
Ги прашавме Додовска и Пандов чуму сите тие лаги и негативна кампања?
ПАНДОВ: Ако борбата во политичкиот ринг си ја претставиме како боксерски ринг, Заев е девет пати нокаутиран од Груевски. Боксот е како спорт многу почовечен и по неколку нокаута се прекинува борбата и нокаутираниот боксер се испраќа во гардероба. За жал, во политиката тоа не е така. Лошото и во боксот, а и во политиката е тоа што по толку нокаути тие луѓе имаат проблем со памтењето, поточно брзо забораваат, зборуваат неповрзано и можеби понекогаш и не по своја вина зборуваат работи кои немаат никаква врска со реалниот живот. Така и ние до некаде треба да имаме разбирање – девет нокаута. Многу се!
ДОДОВСКА: Тоа е тој код поради кој, без оглед на економските услови и другите непогоди со кои се соочува Република Македонија, граѓаните својата доверба и натаму ја даваат на десницата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Не е случајно тоа што раководството на СДСМ, на чело со лидерот Зоран Заев, им верува само на своите рожби, па замислете истото да го стори во некој медиум кој не е под негова контрола, зар тогаш би можел толку комотно да извртува без да биде запрашан за теснопартискиот мораториум кој владее на врвот во партијата, за нетранспарентното и крајно сомнително креирање заговори и афери, за дислоцирањето и умртвувањето на вредните социјалдемократи, за неговата градоначалничка фотелја во Струмица, за комфорот и пазарењата со власта за лични цели итн, итн…
Заев најави дека сигурно доаѓа на власт иако немало да биде лесно по „бомбата“?
ДОДОВСКА: Видете, сметам дека некои лекови се поопасни од самата болест. Доколку Зоран Заев смета, како што нè уверува, дека по пат на „шокантни сознанија“ ќе го изведе народот на улица и насилно ќе ја смени власта, тогаш досега ќе ја видевме таа промена. Дозволете, но доколку постоеше таквата можност, тогаш се запрашувам себеси, а и сите вас, што чека сè уште Заев.
ПАНДОВ: Ќе победел на следните избори!? Ви велам човекот не знае што зборува. Еве ви цитат од интервјуто за неговиот „Слободен печат“: „Заради поставеноста на вашата уредувачка политика како објективен и професионален медиум, без разлика кој е на власт…“, а весникот не работи ни две години. Што е и најсмешно, во истиот тој весник на пет страници зборува за немање слобода на говор и немање слободни медиуми. Никако не ми е јасно, ако тоа не е слобода на говор и слобода на изразување, тогаш што е?
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 120. број на неделникот „Република“, 19.12.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


