Папата Франциск денеска ги осуди „бруталните“ верски прогони на Блискиот исток за кои се одговорни екстремистите од Исламска држава и во традиционалната божикна порака „Урби ет орби“ (до градот и светот) луѓето ги повика да покажат сочуствување со мнозината кои страдаат ширум светот.
Нека рамнодушноста се претвори во блискост и отфрлање на непријателствата така што сите оние кои сега страдаат да можат да ја добијат потребната хуманитарна помош, за да можат да ја преживеат суровата зима и за да можат да се вратат во своите земји и да живеат достоинствено, рече папата на италијански јазик во говорот од балконот пред неколку илјади верници на римскиот плоштад Свети Петар.
Папата повика и на воспоставување на мирот во Украина, Нигерија и другите кризни жаришта.
Тој го осуди насилството врз децата низ целиот свет, вклучувајќи ги и неодамнешниот напад на пакистанските талибанци врз военото училиште во Пешавар, во кој од 149 настрадани дури 133 беа деца.
Навистина, овој Божик има толку многу солзи, рече поглаварот на римокатоличката црква, на кого ова му втората по ред божикна порака до верниците. Папата повика и на мир на Блискиот исток и воспоставување на дијалогот во зоните на судири од Украина до Нигерија, во која е активна екстремистичката организација Боко Харам.
Тој го осуди и насилството и крвопролевањето и во другите места во Африка. Најмногу охрабрување папата упати кон жргтвите на нападите и прогонот на екстремистите од Исламска држава, кои убија или на бегство ги присилија шиитските муслимани, христијани и припадници на другите верски заедници во Сирија и Ирак.
Го молам Спасителот на светот да ги погледне своите браќа и сестри во Ирак и Сирија, кои предолго страдаат заради судирот на кој не му се гледа крајот, и кој, заедно со оние кои припаѓаат на другите етнички и верски групи, страдаат заради бруталниот прогон, рече папата.
Папата Франциск на синоќешната миса на Бадниковата вечер верниците ги повика на поголема емпатија кон семејството и пријателите кои имаат проблеми. Тој, исто така, додаде дека не светот му се потребни повеќе нежност и топлина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


