Судирите околу цената на нафтата во минатото ретко имале економска или пазарна логика. Последната нафтена војна не е никаков исклучок. И овој пат прашањето за цената се гледа низ призмата на геополитичка партија шах со повеќе различни играчи, од кои Саудиска Арабија е во центар на вниманието.
Овие денови изнесени се повеќе тези за вистинската позадина на дампингот (цените во последните неколку месеци паднаа со над 100 на речиси 50 долари по барел за сурова нафта), од тоа дека Саудиска Арабија не дозволува на САД да преземат позиција на водечки преработувач, од дополнителниот притисок на Русија поради украинската или сириската криза, па се до новото рушење на иранската економија, со тоа и преговарачките позиции околу идната нуклеарна програма. Томас Фридман напиша дека падот на цените не е случаен и дека стратешките интереси на Саудиска Арабија е да наштета на економиите на Иран и Русија. Колку има теории, уште повеќе има прашања или обиди да се продре под површината на наведените толкувања. Да почнеме по ред.
Саудиска Арабија против САД
Благодарение на револуцијата во начинот на вадење на нафтата (Фракинг метод, или вадење на нафта од шкрилци на длабочина од 5.000 метри), САД постепено доаѓа во состојба да ја потисне Саудиска Арабија на второ место на најголемите производители и извозници на нафта. Некои аналитичари толкуваат дека тоа било причина Саудиска Арабија со висок обем и пласман да ги намали цените до тоа ниво, да бидат пониски од производните цени на американските фирми кои бушат нафта на нов, иновативен начин.
Во 2008 година САД произведуваше 5 милиони барели сурова нафта секој ден. Благодарение на овој мерод, овогодишното производство, според американски извори (Energy Information Administration), достигна бројка од 9 милиони барели, со што опасно се приближи на дневното производство на Саудиска Арабија од 9,7 милиони барели. Познавачите на состојбата сметаат дека со намалувањето на цената Саудиска Арабија сака да ги тестира идните намери на американската нафтена индустрија. Се претпоставува дека очекуваат, американските инвеститори да се откажат од нови инвестиции, а производителите од производството кое прави финансиски загуби. Се шпекулира дека долната граница на исплатливост на црпењето на нафта од шкрилци е од 40 до 80 долари по барел. Сепак, тешко е да се поверува дека ова е веродостојно или единствено можно објаснување. Тука треба да се потенцира дека саудиското намалување на цената не е насочено против американската администрација, туку против приватните производители.
Политичките, безбедносните и сите други релации меѓу Саудиска Арабија и САД се нераскинливи цели 70 години. Темелите на билатералните договори се дефинирани на американскиот брод USS Quincy, кој е усидрен во Суецкиот канал на 14 февруари 1945 година. Тогаш двајцата лидери, претседателот Френклин Д. Рузвелт и кралот Абдул Азиз ибн Сауд, на запрепастување на британскиот премиер Винстон Черчил, договорија стратешко сојузништво. – Се додека ја респектирате нашата независност, Саудиска Арабија ќе биде верен американски партнер – рече тогаш суверен од Ријад.
Саудиска Арабија против Иран
Постојат аналитичари кои веруваат дека Исламската револуција во Иран никогаш не би се случила ако цената на нафтата нагло не паднеше во 1977 година. Тогашниот ирански шах Реза Пахлави откри на своите најлојални пријатели дека Иран паѓа во банкрот таа иста година. Само две години подоцна монархијата со најдолга традиција на Блискиот исток престана да постои. – Се уште не знам што се случи – рече последниот ирански монарх на Давид Фрост во своето последно интервју во јануари 1980 година.
Други укажуваат дека резултатот од ирачко-иранската војна може да биде поинаков, ако официјален Ријад повторно не го употребеше нафтеното. Саудиска Арабија во 1986 година го преплави светскиот пазар со нафта за намалување на нејзината цена од 30 на 10 долари по барел. Намалувајќи ги иранските приходи за 70 отсто, во Ријад очекуваа дека негативните ефекти ќе ги спречат иранските офанзивни дејствија таа година, т.е. ќе го принудат Иран да се откаже од ирачката воена опција. По две години имамот Хомеини го прифати мировниот предлог и Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 598, со што голтна отровно апче, според сопственото признание, убедени од другите политички и воени лидери дека Иран нема сили да ја продолжи војната.
Пред крајот на првиот претседателски мандат на Махмуд Ахмадинеџад цената на нафтата падна од рекордни 147 на 33 долари по барел.
И тогаш Саудиска Арабија даде немерлив придонес за дампингот, кој примарно го предизвика светската економска криза. Веќе следната 2009 година Иран се соочи со пад на очекуваните приходи, од милионските, повеќемесечни, најголеми постизборни немири од избивањето на Исламската револуција.
Овогодишната мотивација на саудискиот двор за нафтената војна со Иран е повеќекратна. На почетокот на оваа година се шпекулираше дека Ирак и Иран заедно можат да ја преземат доминацијата над пазарот со нафта до 2020 година. Постои и таа фобија од иранско-американско приближување, т.е. страв од нуклеарен дил, кој на Иран ќе му овозможи продолжување на цивилната нуклеарна компонента и укинување на санкциите. Странските нафтени компании веќе чекаат во ред ,за да обезбедат што подобри договори со Иран. Конечно, Саудиска Арабија има се помалку опции во Сирија, што во зеро-сум одмерувањето со Иран одговара повеќе на Техеран. За Саудиска Арабија не е пожелен Иран без санкции во пријателство со САД и братски сојуз со Ирак, па може да се претпостави зошто Ријад повторно посегнува по своето нај ефикасно оружје.
Антируска политика
– Претседателот на Америка Барак Обама сака со Саудиска Арабија да ја уништи економијата на Русија – објавуваат руските медиуми. Други зборуваат за оската Ријат и Вашингтон, која најде слаба точка на Москва. Порано се шпекулираше дека и почетокот на крајот на Советскиот сојуз следеше во таа 1986 година, кога Саудиска Арабија нагло го зголеми производството и ја намали цената на нафтата за 300 отсто. Економското планирање на СССР не можеше да се усогласи со падот на заработката. Тоа беше една од причините за распадот на Советскиот сојуз, повторуваат и потсетуваат руските новинари овие денови. Тоа е политичка манипулација и со Саудиска Арабија се манипулира, наведе потпретседателот на нафтената компанија Росњефт Михаил Леонтјев.
Падот на цената на 50 и нешто долари по барел, најдиректно ја погодува руската економија, а дури 50 отсто од нејзиниот вкупен извоз отпаѓа на нафтата и гасот. Кога на тоа ќе се додадат финансиските загуби во продажбата на природен гас во Украина и изгледите транзитот на руски гас за пазарот во ЕУ да биде намален, притисокот на цената на нафтата дупло ја погодува Москва. Руската валута изгуби 45 отсто од својата вредност во однос на доларот во 2014 година. Според пишувањето на Блумберг, рубљата е најнестабилна од 170 светски валути. Саудиска Арабија нема директен интерес да влијае на резолуцијата на украинската криза.
Можно е Русија да биде колатерална штета на саудиското одмерување со Иран. Меѓутоа, постои таа стратешка врска со САД, што не го исклучува тајниот антируски договор на Ријад и Вашингтон. Додуша, постои силен анимозитет поради руската поддршка на сирискиот режим. Рашид Абанами, претседател на саудискиот Центар за нафтена политика и стратегија, неодамна ги поврза постапките на официјален Ријад со политикат ана официјална Москва кон настаните во Сирија. Иран и Русија во голема мера зависат од извозот на нафта, а ниската цена значи и помалку пари, додаде Абанами.
Добробит за малите потрошувачи
Почна нова светска војна со нафта. Ако историските искуства биле некаков индикатор, т.е. ако во 1977 година на било кој начин влијаела на настаните во Иран во 1979, ако во 1986 година влијаеше на почетокот на крајот на Советскиот сојуз, тогаш не треба да се занемари можноста од сериозни геополитички последици за само две три години.
Ниските цени на нафтата можат да го запалат Персискиот Залив. Иран најави поморски воени вежби за 25 декември, што може да се толкува како демонстрација на сила во Заливот. Од вкупната светска трговија со нафта, 20 до 25 отсто се транспортираат само преку тој коридор. Преку Хормускиот теснец дневно поминуваат 20 милиони барели нафта.
Постојат и поинакви размислувања дека Саудиска Арабија не е во состојба долго да издржи со дампинг цените, дека тоа е потег на очајник… Според зборовите на Томас Фридман, падот на цената на нафтата нема да доведе до колапс на Иран или Русија. Многумина се согласни дека продолжувањето на нафтената војна ја врти Русија кон Кина и поцврсто ги поврзува Москва и Техеран.
За широките слоеви на потрошувачи оваа војна со цените е вистински благодет. Поефтината нафта ги намалува трошоците за производството, на потрошувачите директно се намалуваат трошоците за превоз и греење, индиректно за храната. Меѓутоа, ова не се добри вести за новата власт во Босна и Херцеговина, бидејќи помалите цени значат и помали приходи од ДДВ, уште поголем буџетски дефицит како и нови кредитни задолжувања.
Ал Џезира – Сараево
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.