-На минатите избори ви ветивме дека ќе работиме заеднички, дека така ја сфаќаме политиката. Рабориме за иста цел, за истите луѓе. Независно кој за кого гласал, Марјан во овие години работеше за сите. Тој создаде проекти кои на сите ќе им помогнат. Тој беше еден за сите и таков ќе остане. Ние заедно можеме да направиме повеќе дела. Овој народ научи дека од политичарите постојано се бараат дела. Тоа е она во што се разликуваме од СДСМ. Помислете, кои дела тие ги направија за Прилеп? Јас никогаш не сум ветил дека можеме да ги решиме сите проблеми. Тој што ќе ви го вети тоа, ве лаже. Нема политичар кој може да ги реши сите проблеми – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на вечерашниот митинг на владејачката коалиција во Прилеп. Тој пред насобраните граѓани изјави дека е многу важна поддршката и за кандидатите за советници, бидејќи градоначалникот без нив ќе биде како со врзани раце.
Според Груевски разликата во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е што владејачката партија решава многу повеќе проблеми. Тој пред големиот број на граѓани истакна дека спроведеното во Прилеп е доказ дека со таква работа и ќе продолжат.
-Ако на еден лист ги напишете проектите на СДСМ на една страна и нашите на друга страна, ќе видите кој помага во Прилеп, кој работи овде. Само во една година 12 милиони евра влегуваат за тутунот во Прилеп. За време на СДСМ во 2005-та година дава нула. Тоа е разликата меѓу нас. За СДСМ земјоделците беа шеста класа. Не може така! Во оваа држава за сите треба да има средства и за земјоделци и за корисници на социјална помош, за пензионери – рече Груевски, кој нагласи дека во Прилеп се реализирале огромен број на проекти.
Вели Владата одбрала во Прилеп ќе се гради слободна економска зона, која ќе отвори многу работни места, ќе привлече компании.
-Со специјалните услови кои им ги даваме на инвеститорите цврсто сум убеден дека ќе привлечеме компании тука да дојдат. На тоа неуморно работи и Веле Самак кој е прилепчанец – рече Груевски.
Пред прилепчани говореше и за отчетот на Ристески кој сведочи за спроведеното во градот и за богатата програма. Наспроти тоа, спореди премиерот, СДСМ за неколку дена склопиле список со желби.
-Таква лага сакаат да му кажат на народот. Таква е и лагата за 500 акумулации. Сакаат да го манипулираат народот. Еве и да им поверуваме, тој проект ќе чини до 500 милиони евра, за што се потребни неколку мандати и буџети. Кого замајуваат? Народот знае колку чини тоа и дека тоа е лага. Проектот го препишале од еден магистерски труд, ама таму вели 500 за цела Македонија. Не го допрочитале трудот, не разбрале. Тие ветуваат дека во Прилеп ќе развиваат зимски туризам, но не кажуваат како. На Маркови кули снег се нема задржано со години, како ќе прават зимски туризам? Нормално е да имаат грешки кога програмата си ја правеа 6 дена. Народот знае да процени – рече тој и додаде:
-Со лаги не се настапува на избори. Денес после 22 години искуство на македонскиот народ, нема веќе лажење, нема трикови. Помина тоа време, народот е мудар. Нема лажни ветувања. Ние го даваме зборот и како секогаш зборот ќе го исполниме, делата ќе се остварат. Затоа овде во Прилеп нема да има дилеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


