Сите граѓани кои имаат покуќнина, мебел, бела техника, електрични апарати, опрема за деца, велосипеди… кои не им се потребни, а се употребливи и натаму можат да ги донираат на социјално ранливите категории во рамки на акцијата „Се грижиме за топол дом“.
Како што информира на синоќешната отворена владина седница министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека досега во рамки на акцијата се реализирани околу 1.800 донации, а неделно се реализираат по пет до 10 донации.
– Има заинтересираност, меѓутоа, од сезона во сезона е различен интензитетот. Најчесто донации даваат граѓаните кога реновираат во сопствените домови. Некогаш и со еден стан кога се реновира се даваат повеќе донации за повеќе семејства кои се помалку имотни и кои имаат потреба. Досега интерес или потреба за донација имаат искажано повеќе од 4.000 граѓани. Тоа значи дека на околу половина веќе ги имаме задоволено потребите – рече Спасов.
Додаде дека, сепак, постои потреба и понатаму да се помага. Се обидуваме, рече, на најразлични начини и преку различни форми да го промовираме самиот проект.
– Кога ќе се појави некој проблем на телевизија, некоја хуманитарна помош и преку тие форми обезбедуваме и за тие граѓани соодветни донации. Ние како Министерство имаме потпишано договор со приватна компанија која што обезбедува превоз, ги зема работите од донаторот и ги носи во домот на семејството на кое што му се донира донацијата – рече министерот Спасов на владината седница.
Акцијата „ Се грижиме за топол дом ја спроведува Министерството за труд и социјална политика во соработка со општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, Црвениот Крст на Град Скопје и Црвениот Крст на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.