| четврток, 6 декември 2018 |

Градоначалникот на Лондон смирувал патник­-насилник во авион

Градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон учествувал во смирувањето на еден патник кој насилнички се однесувал кон екипажот и другите патници на летот на „Малезија Ерлајнс“ од Куала Лумпур до Лондон.

Инцидентот се случил пред две недели, но за него се разбра денеска, откако патникот Дејвид Морис (43) од областа Сари, во близината на британскиот главен град беше изведен на судење.

Морис е обвинет за насилничко однесување, за предизвикување неред во авион во текот на летањето и за пијанство. Градоначалникот Џонсон кој се враќал од службениот престој во Малезија, на почетокот не се мешал во обидите на екипажот да го смири насилникот кој им се заканувал на сите патници.

Но кога станало јасно дека стјуардите не може да справат со Морис, тогаш се вклучил и Џонсон, како и уште неколкумина други патници, кои помогнале насилникот да биде ставен во лисици и врзан за седиштето до крајот на летот.

По слетувањето на аеродромот Хитроу, Дејвид Морис бил одведен од полицијата и уапсен. На денешното судење тој изрази жалење за своето однесување во текот на летот од Малезија, признавајќи дека воопшто не се сеќава на она штто го правел, како и дека се
чувствува посрамотен.

Казната за насилството кон патниците и членовите на екипажот, ќе му биде дополнително определена.

Ова не е првпат градоначалникот Борис Џонсон да биде вклучен во разрешување на вакви ситуации. Пред неколку години тој и помогна на една лондончанка да се одбрани од група тинејџерки кои се обидувале да ја ограбат.

Џонсон се појавил во улицата со својот велосипед, враќајки се од работа во моментот кога напаѓачите и ја грабнале чантата со пари и документи. Кога се вмешал градоначаникот, тинејџерите-­напаѓачи се исплашиле и ја фрлиле чантата без да ги земат парите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top