| четврток, 6 декември 2018 |

Агенцијата за млади и спорт тргна да ја спроведува петгодишната развојната програма

Во просториите на АМС, директорот Лазар Поповски детално ги информираше претставниците на медиумите за усвојувањето на Стратегијата за развој на македонскиот спорт

Првата Стратегија за развој на спортот во периодот на самостојност на РМ е пофат кој траеше повеќе од една година и ќе ги реши нерегулираните прашања во сите области. Таа ќе важи од 2013. година до 2017. година, но иако е изработена по консултации со сите валидни фактори кај нас, секогаш ќе биде предмет на општа дискусија со елементи кои можат да ја направат уште подобра. Директорот на АМС Лазар Поповски вети дека во случај на потреба, програмата ќе доживува дополнување во сите нејзини делови и нагласи дека постојат три основни столбови врз кои е базирана.

Програмата за развој на спортот ќе биде темел врз кој и натаму треба да се усовршуваме, а трите најважни сегменти се:

-Младинскиот спорт и неговата перспектива, како и сериозна подготовка на стручно-научен кадар што ќе работи со талентите.

-Економскиот момент, претприемаштвото во спортот и финансирањето преку дополнителни опции за приходи како академии, школи, спортски туризам и манифестации.

-Врвниот спорт и спортската инфраструктура се најважен и најпечатлив дел, и тој останува главен приоритет со кој се подигнува нашата гордост и се засилува националната свест.

Петгодишната програма за развој на македонскиот спорт беше донесена на седницата на Владата на Република Македонија одржана на 3 јануари со што е заокружен еден подолг процес на анализи и проценки од страна на голем број спортски авторитети, стручни лица, спортисти и тимот на Агенцијата за млади и спорт. Изразувајќи им благодарност на сите соработници, Поповски потенцира дека со ова е ставен крај на транзицијата во спортот и се дефинира стратешката насока на Законот за спорт, финансирањето и можноста за формирање на фондации, како и за спортот во институциите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top