| четврток, 6 декември 2018 |

Мистериозна болест: Научници од целиот свет не можат да ја одгатнат тајната на заспаното село

Жителите на селото Калачи во Казахстан боледуваат од мистериозна болест – неочекувано масовно паѓаат во сон и се будат дури после неколку денови.

Жителите на ова место, кое своето село го нарекуваат „заспаната долина“, велат дека болеста се појавила одеднаш. Тие сведочат дека во неочекуван сон паѓаат сите генерации – од деца до постари.

Еден од последните случаи се случил на почетокот од септември, првиот ден на училиште. Осум дечиња заспале на клупите во рок од еден час. Неколку недели пред тоа, најмалку 20 жители на Калачи одеднаш потонале во сон во своите домови и на улица, а се разбудиле една недела подоцна.

Минатата зима 60 луѓе заспале истовремено во различни делови од селото. Игор Самушенко, татко на едно момче кое боледува од мистериозната болест, вели дека се плаши дека неговиот син ќе умре во сон.

„Кога се обидувате да го разбудите, тој изгледа како да сака да ги отвори очите, но не може“, раскажува Самушенко.

Група научници од целиот свет, вклучувајќи вирусолози, радиолози и токсиколози, го посетиле Калачи во изминатата година, со цел да ја одгатнат тајната на заспаното село, но сите останале збунети.

Експертите велат дека децата имаат симптоми на токсична енцефалопатија, односно пореметување на работата на мозокот, додека возрасните ги имаат сите карактеристики на шлог. Меѓутоа, после само неколку дена терапија, сите оздравуваат како ништо да не се случило.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top