| четврток, 6 декември 2018 |

Акција на „Лице в лице“: Да донесеме храна и да израдуваме дете од улица

-Подготвувајќи ја годинешната акција „Израдувај дете од улица“, која „Лице в лице“ трет пат ја прави за малите пријателчиња од Дневниот центар за деца на улица во „Шуто Оризари“, се соочивме со потребата да ве повикаме вас, граѓаните, организациите, компаниите и сите кои сакаат да помогнат и да ги израдуваат овие деца – носејќи им храна, велат оттаму.
– Имаме сериозен проблем со обезбедувањето храна за децата. Тие овде го добиваат единствениот оброк во текот на денот. Но, и покрај тоа, нема дополнителна храна за сите, па кога ќе се вратат од училиште се случува и да ги пратиме дома гладни. Би ни значело ако граѓаните што ќе се вклучат во акцијата, донесат храна, пред сè – вели координаторката на Центарот Ирена Велкоска.

Во Дневниот центар има повеќе од 100 деца, а просторот нема услови за готвење. Затоа, не е препорачливо да се носат супи, тестенини или останати производи кои треба да се варат или печат (подолу прочитајте го списокот со препорачаните прехранбени производи).
Граѓаните кои ќе се приклучат, ќе можат да го посетуваат Дневниот центар во Шуто Оризари следниве два четвртока (18-ти и 25-ти декември), во термини од 11 до 15 часот, како и саботите (20-ти и 27-ми декември) од 12 до 15 часот, кога ќе можат да се дружат со децата, но и лице в лице, да ги слушнат нивните приказни, состојбата во која се наоѓаат, и да ги израдуваат носејќи им храна која ќе ги задоволи нивните основни потреби за оваа зима.
Годинава, за разлика од претходниве две години, има и повеќе деца кои се згрижени во Дневниот центар, па се очекува да се вклучат сите оние кои сакаат да споделат храна, но и шалче, капче, ракавички, кукла, количка, или други ситни нешта кои носат радост. Секако, тука се и задолжителните насмевки, гушкања и дружби.
-Важно ни е, овие деца, кои, поради повеќе причини не ја добиваат потребната грижа од своите блиски, да имаат можност да доживеат радост и среќа, дружење и добрини со вас, солидарните граѓани кои сакаат, знаат и можат да придонесат за подобар живот и поубав свет, велат од „Лице влице“.
Целта на оваа активност (која тимовите на „Лице в лице“ и на Здружение за заштита на правата на детето ја прават доброволно со помош на неколку волонтери) е да се поттикат граѓаните да се вклучат во помош и поддршка на стотина деца кои се згрижени во Дневниот центар за деца на улица.

Список на препорачана храна: млеко, вода, сокови, чај, шеќер, јогурт, овошен јогурт, мармалад, овојшје: јаболка, портокали, мандарини, банани, маргарин, путер, кајмак, паштети, крем, кашкавал, сирење, салама, ајвар, пинџур и други видови зимница, бонбони, мали чоколатца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top