| четврток, 6 декември 2018 |

Тјери Анри ги обеси копачките на ѕид

Поранешниот капитен и најдобар стрелец во историјата на Арсенал, Тјери Анри стави точка на својата богата фудбалска кариера. Тој соопшти дека ќе работи како стручен коментатор и аналитичар на британската телевизија „Скај спорт“.

– По 20 години во професионалниот фудбал решив да ставам крај – напиша Анри на својот профил на „Фејсбук“.

– Ова беше неверојатна авантура и би сакал да им се заблагодарам на сите навивачи, соиграчи, и воопшто на сите во Монако, Јувентус, Арсенал, Барселона и Њујорк Ред Булс, како и во францускиот национален тим, кои моето време во фудбалот го направија посебно.

– Сега е време за друг пат во кариерата и со задоволство можам да кажам дека се враќам во Лондон и ќе му се приклучам на коментаторскиот тим во „Скај спорт“.

– Се надевам дека ќе можам со вас да споделам дел од моите опсервации, мислења, како и искуството што го здобив низ годините играјќи фудбал. Ми остануваат некои неверојатни сеќавања и прекрасно искуство. Се надевам дека уживавте во гледањето исто колку што јас уживав во играта. Се гледаме на другата страна – заврши Анри.

Неофицијално, Анри ќе ги коментира, пред сѐ, натпреварите на Арсенал, како и средбите од Лигата на шампионите, за што во следните четири години ќе заработи огромни 31,5 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top