Македонците Александар Чекоров и Александар Смилков го срушија Гинисовиот рекорд во туркање на автомобил за 24 часа. Утрото во 8 часот бројките покажаа дека за 24 часа тие успеале да поминат 95 км со туркање на колата по обележаната патека во СЦ „Форца“.
Досегашниот рекорд беше на двајца Американци и изнесуваше поминати 82,4км. Идејата за овој подвиг е на Чекоров, кој ја добил пред десетина години. Автомобилот се туркаше на кружна патека во салата, а за регуларноста на настанот и запазување на правилата поставени од Гинис се погрижи седумчлена комисија од неколку судии од Атлетската федерација на Македонија и истакнати спортски работници и спортисти.
Настанот е документиран со 24-часовно видео, фотографии и записник од страна на судиската комисија. Чекоров и Смилков туркаа автомобил тежок 860 килограми. Правилата на „игра“ се дека туркањето не смее да сопре, односно смеат да прават паузи, но времето постојано им истекува. Во текот на тие 24 часа автомобилот го управуваа 6 луѓе кои се менуваат на секои четири часа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.