| четврток, 6 декември 2018 |

Уапсен ограбувачот на кичевскиот манастир „Св. Богородица Пречиста“

Полициската станица Кичево поднесе пријава против А.Д. (38) од градот Дибра, Република Албанија, поради основано сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ во манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во близина на Кичево. Него му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа и е спроведен во затворот во Тетово.

Пријавениот вчера извршил тешка кражба во манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во близина на Кичево од каде што против­правно присвоил три сребрени крстови кои датираат од 1800 година, еден манастирски печат и едно резбано сребрено кофчеже со мошти од „Св. Параскева“ ­ предмети што претставуваат културно наследство на Република Македонија

Како што информира МВР, кражбата во манастирот е извршена околу два часот наутро откако претходно насилно и со погоден алат, А.Д. го скршил цилиндарот од металната врата и резето од помошната просторија. Потоа насилно ја отворил дрвената врата од јужната страна на манастирот и извршил пребарување низ црковните простории по што насилно ја отворил и вратата за влез во олтарот. Оттука ги одзел трите сребрени крстови и резбаното сребрено кофчеже и помал износ на парични средства.

По извршувањето на тешката кражба, А.Д. околу три часот наутро е приведен во близина на селото Брждани, на регионалниот пат Кичево­-Битола, каде што се обидел да избега со своето патничко моторно возило марка „голф“ со албански национални ознаки.

Против А.Д. полициската станица Дебар во текот на март 2010 година има поднесено посебен извештај дека заедно со уште едно лице го сториле кривичното дело шверцување икони и други предмети од културно наследство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top