Македонија се вброи меѓу десетте земји со најразвиена трансплантација од жив донатор, според последниот извештај на интернационалниот регистар на донирање органи. Во истражувањето биле вклучени 71 земја од светот, а Македонија е осма според бројот на трансплантирани бубрези од жив донатор. Зад Македонија се Турција, Холандија, Кипар, Либан, Исланд, Северна Кореја и Иран. Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, проф-д-р Аспазија Софијанова е национален координатор за трансплантација.
Годинава во Македонија се направени 38 трансплантации на бубрези, од нив 26 се од жив донатор, а 12 се од кадавер, што ја стави Македонија на осмото место во светот според бројот на извршени трансплантации на бубрези од жив дарител. На што се должи овој резултат што го постигнаа македонските доктори?
СОФИЈАНОВА: Во Македонија со години се работи трансплантација од жив донатор. Тоа значи дека блиски роднини можат да даруваат орган на свој близок, кој има хронична бубрежна болест. Во последните три години бројот на овој тип трансплантации значително се зголеми. Ако имавме 300 трансплантации за период од 30 години, последните 100 трансплантации се направени во последните три години. Значи, на наше задоволство, бројката расте. Причина за ова е, секако, тимската работа. Почнувајќи од Клиниката за нефрологија, каде што под водство на професор Шиколе се подготвуваат пациентите, потоа на уролошкиот тим предводен од д-р Сашо Дохчев, д-р Оливер Станков и д-р Сотир Ставридис и, секако, на колегите од КАРИЛ и д-р Маја Мојсова. И да не ја заборавиме улогата на Институтот за трансфузиологија и д-р Ема Велкова, каде што се прават сите типизации за да се открие кој е најдобар донатор. Само со добра соработка и координација на тимовите растат бројките на пациенти на кои е направена трансплантација.
Без тимска работа нема да имаме успех и ние го сфативме тоа. Затоа и резултатите се сѐ подобри. Но за нас ова не е доста. Би сакале да се најдеме на истата оваа табела, но во делот на кадаверична трансплантација. Тоа е нашата цел за наредната година.
Кои се најчести дарители на органи во Македонија?
СОФИЈАНОВА: Кога се работи за жив донатор, дарители на орган можат да бидат само најблиските роднини. Тоа значи родители на деца, деца на родители и лица што се во брак. За жал, не е секогаш пресудна желбата да се дари орган на близок туку можноста тој орган да се совпаѓа. Кога нема можност за совпаѓање, лицето се става на листата за орган од кадавер – односно починат донатор.
Во Македонија има околу 1.400 пациенти на дијализа и иако не може на сите да им се изврши трансплантација поради нивната објективна здравствена состојба, секако дека на голем број од нив би им се подобрил квалитетот на живот ако добијат орган за трансплантација. Познавачите велат дека на половина од нив квалитетот на животот значително би им се подобрил ако им биде трансплантиран бубрег. Колку државата годишно троши на дијализа и колку „чини“еден пациент? Колку би се заштедило со кадаверична трансплантација?
СОФИЈАНОВА: Според некои наши анализи, бројот на болните од хронична бубрежна инсуфициенција сезголемува секоја година со околу 250 нови случаи. Притоа, на ниво на Република Македонија годишно на дијализа одат 1.300–1.400 пациенти. За дијализа на еден пациент годишно се потребни по околу 14.400 евра, односно околу 900.000,00 денари. Трансплантацијата на бубрег им овозможува на пациентите да се ослободат од потребата за дијализа,која ја вршат трипати неделно, се подобрува квалитетот на нивниот живот и насемејството, стануваат работоспособни и општествено корисни за семејството и за државата. Не ги знам точните бројки, но според некои податоци трансплантацијата на бубрег во здравствените установи во Македонија од живдарител чини од 8.000 до 13.000 евра, во зависност од конкретниот случај,односно одевентуалните компликации, а лекувањето со имуносупресивната терапија месечно чиниоколу 500 евра, можеби и нешто помалку со намалувањето на цените на лековите.
Точните бројки, сепак, ги има Фондот за здравствено осигурување, но секако дека трошоците за трансплантација се многу пониски од трошоците за дијализа на пациентите. Да не зборуваме за квалитетот на живот на овие пациенти.
Дали помогна кампањата „Кога животот ќе заврши, подари живот“ на невладината организација „Мактрансплант“ и на Лекарската комара во подигање на свеста кај граѓаните на Македонија да подаруваат органи?
СОФИЈАНОВА: Секоја кампања што има за цел подигнување на свеста на населението за донирање органи и за трансплантација е од голема помош за нас. Оваа кампања беше насочена кон матичните лекари со цел преку нив информацијата да стигне до пациентите. Се поминаа многу градови низ Македонија и лекари од ЛКМ и од Клиниката за нефрологија разговараа со нивните колеги и со граѓаните. Тоа што е потребно се повеќе вакви кампањи за граѓаните да разберат што е тоа што сакаме да го постигнеме и да ја прифатат трансплантацијата и дарувањето органи како еден хуман акт. Само така можеме да успееме.
Зошто Македонија сè уште не е дел од меѓународната донаторска мрежа на органи „Евротрансплант“?
СОФИЈАНОВА: За да станете полноправна членка на „Евротрансплант“ треба да работите многу, да постигнете многу и да покажете конкретни резултати. Сето ова не се прави преку ноќ. Ние почнавме пред неполна година и веќе зад себе имаме шест кадаверични трансплантации и 12 трансплантирани бубрези. Ова не е малку, но нѐ чека долг пат за да ги задоволиме критериумите за полноправно членство во „Евротрансплант“. Како Национален координатор за трансплантација ова е една од моите цели за 2015 година. Со темпото со кое напредуваме верувам дека е можно да бидеме еднакво добри како Хрватска, која покажа како може за кратко време да се издигне на полето на трансплантација.
Ова е нешто на што ќе работиме в година. Во план е проширување на бројот на кадаверични трансплантации, проширување на мрежата на болници што ќе се вклучат во трансплантацијата, заживување на трансплантацијата на црн дроб и, секако, едукација на тимови од аспект на стручност и на организација. Верувајте дека имаме еден прекрасен тим на лекари од КАРИЛ, неврохирургија, урологија, нефрологија, неврологија, педијатрија, трансфузија и Институтот за рендгенологија, кои имаат толку елан за работа и една позитивна енергија и верувам дека на овој начин веќе в година ова време ќе имаме уште подобри резултати.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.