Не е важно како ќе изгледам и колку пати ќе се пресоблечам. Сите што беа на претходните концерти дојдоа
поради музиката. И сега ги очекувам поради истата причина, порачува Kаролина Гочева во интервју за „Дневник“.
Познатата македонска пејачка на 13 декември повторно во живо ќе ги изведе препознатливите етно-поп рефрени, овој пат во не толку интимна атмосфера, во арената „Борис Трајковски“. Со секоја купена влезница фановите ќе добијат и бесплатно дивиди со настапите од МОБ.
Изјави дека по толку години на сцена, си се изборила за позиција во која не мораш да размислуваш комерцијално по секоја цена. Дали тоа значи дека со менаџментот конечно пронајдовте жанр што комплетно те исполнува?
– Позицијата нема никаква врска со жанрот на музика и таа се гради со текот на годините. Овој жанр е нешто што
почна како експеримент, а реакциите на луѓето н` натераа да направиме и продолжение. Помисливме дека правиме нешто што не е толку комерцијално како претходните мои проекти, но успехот нѐ увери во спротивното. Веројатно заинтересираноста е во кој правец ќе бидат следните мои проекти, но тоа ќе го покаже времето.
Kонцертот е посвета на твојот менаџер кој годинава ненадејно почина. Шоу-бизнисот подразбира непреспиени ноќи, медиумски притисок, една континуирана трка со времето и можностите. Си го поставуваш ли често прашањето, вреди ли да се има таков живот кога кај нас се повеќе шоу отколку бизнис?
– Kонцертот му го посветувам на Даниел затоа што тој со срце и со душа влезе во проектот „Македонско девојче“. Со месеци работеше на него и преслушуваше песни. Беше особено врзан за овој албум. Неговата смрт е нешто со кое се уште ни е тешко да се помириме и во секој момент ни недостига. Секако дека е тешко да се работи овде. Уште потешко е да се задржи одредено ниво кога сите функционираат да го спуштат. Исклучително тешко е да не се направи компромис. Само тие што успеале да одолеат на овие работи опстанале.
Никогаш отворено не зборуваш за своите партнери, иако знаeш дека не секогаш е доволно само да имаш добар
проект, туку и нешто за што луѓето ќе зборуваат. Ти си премногу затворена или твоите колеги се премногу
либерални?
– Секој со својот карактер. Искрено, не гледам како некој приватен скандал би ми помогнал да продадам албуми
или влезници. Особено што приватно сум немала којзнае какви ситуации, без разлика како и да биле претставени
во медиумите. На крајот, ништо не е така како што изгледа однадвор и секој си има своја вистина. Дури ни луѓе
што не се појавуваат на телевизија не успеале да се одбранат од шпекулации, така што, со тоа сум помалку или
повеќе помирена. Човек треба само да сфати дека не може да биде роб на мислењето на другите, затоа што
додека се заморувате со неважни работи и со туѓи животи, вашиот си поминува.
Целото интервју во „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.