По триесет години пауза, вечерва на малата сцена на театарот „Антон Панов“ во Струмица, во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Бледица“ од македонскиот писател и драматург Васе Манчев. Актерот Кире Ѓоргиев, покрај играњето на една од главните улоги, ја потпиша и режијата на претставата.
Според раководителот на театарот, Драган Маџиров, оваа претстава пред три децении беше многу позната и играна и тоа не само во струмичкиот театар, туку и на други сцени во државата, а собра и многу награди на фестивалите.
– Струмичката публика ќе може да се потсети на претходното издание, но и да направи споредба од сегашна перспектива – рече Маџиров.
Актерот и режисер Кире Ѓоргиев, кој настапуваше во претставата пред три децении, вели дека со режијата на „Бледица“ ја заокружува триесетгодишната актерска кариера.
– Во претставата се случи една идеална поделба. Среќен сум што можев да соработувам со Снежана Коневска-Руси, која досега неколку пати има настапувано во нашиот театар и остави еден силен белег, а среќен сум што можам да соработувам и со Борче Начев. Работевме точно 27 дена пред премиера, што досега многу ретко се случуваше, но темпото на репетициите беше максимално, со многу меѓупроби бидејќи делото на Манчев го заслужува тоа – рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.