| четврток, 6 декември 2018 |

Ајде да гледаме филмови: Детски филмски фестивал од 10 до 14 декември

unnamed

Првото издание на Детскиот филмски фестивал „Кидс фест“ ќе се одржи од 10 до 14 декември во скопските кина „Синаплекс“ и „Милениум“. Најмладите љубители на седмата уметност ќе имаат можност да гледаат интересни филмски премиери на анимирани, играни и документарни филмови од Америка, Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Данска и Хрватска. Фестивалот се одржува под мотото „Ајде да гледаме филмови“. Термините за филмовите се од 12, 13,30, 15 и 17 часот.

Поголемиот дел од овие остварувања е прикажан на познатите светски фестивали на кинематографија за деца, а на „Кидс фест“ ќе бидат синхронизирани на македонски јазик. Во кината најмладите посетители ги очекуваат и интересни работилници, игри и подароци.

На сите ни се познати супер хероите како Бетмен, Супермен и Спајдермен, но она што ќе го научиме од данскиот филм „Мравко“ е дека храброста не зависи од тоа дали си мал или голем, бидејќи хероите можат да бидат и деца и возрасни. Од Франција доаѓа трогателната приказна “Бела и Себастијан“ за шестгодишното момче и неговото пријателство со диво куче. Новиот документарен филм од францускиот режисер Лук Жан „Си беше еднаш една шума“ претставува не само омаж на величественоста на прашумите, туку и апел за нивна заштита од изумирање. Малата глувчица Селестин и сиромашното мече Ернест ќе успеат да ги надминат сите разлики и да изградат убаво пријателство во француско-белгискиот анимиран филм „Ернест и Селестин“ кој мината година беше номиниран за Оскар во категоријата за најдобар анимиран филм.

На репертоарот на кината ќе се најдат две норвешки остварувања за авантурите на најдобрите другари Каспер и Ема во која ги следат нивните најдобри плишани пријатели Зајчицата на Ема и Лавчето на Каспер. Кога снежната катастрофа се заканува да го уништи целото село во филмот “Солан и Лудвиг“ малиот еж Лудвиг ги надминува сите свои стравови за да ги спаси пријателите, селото и Божиќ. Дали честа на данската нација ќе може да ја спаси проблематичното трио, ќе дознаеме во филмот, „Олсен во голема неволја“. Се’ што е потребно е торба за ладење, чадор и две гуми за џвакање. Приказната на данскиот филм „Рајско патување“ за малиот зајко Јохан кој не е доволно стар да ги разбира правилата на животот, а копнее за невозможни нешта, никого нема да остави рамнодушен.

Цената на билетите во кино „Милениум“ за единечен билет ќе изнесува 130 ден, а за групни посети 100 ден, додека во киното „Синаплекс“ единечен билет ќе чини 150 ден, а за групни посети 100 ден.

ajde da gledame filmovi

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top