Кошаркарите на Голден стејт вориорс се незапирливи во НБА-лигата, а ноќеска ја забележаа 11. победа во низа, што е најдолга серија успеси во моментов. Со 112-85 момците од Сан Франциско славеа против Њу Орлеанс, а интересно е што најефикасен поединец беше Ентони Дејвис од поразениот тим со 30 поени.
Кај популарните воини Клеј Томпсон постигна 23 поени, а имаше значајна поддршка од Стефон Кари, кој забележи 19 поени, а имаше и 12 асистенции.
Во сосема спротивен тренд се кошаркарите на Њујорк никс, екипа што го забележи и шестиот пораз едноподруго. Кога на Кармело Ентони не му оди, тогаш Никс се лесен залак за противниците. Олстар-ѕвездата на Њујорк постигна само 9 поени со катастрофална реализација од поле (4-19).
Иако сите очекуваа мегадуел меѓу Ентони и Леброн Џејмс, главна ѕвезда во легендарниот „Медисон сквер гарден“ ноќеска беше Кајри Ирвинг. Репрезентативецот на САД блескаше со 37 поени, повеќе од заедничкиот ефект на Ентони и Џејмс. Леброн одигра одлично постигнувајќи 19 поени, 12 асистенции и 5 скока.
Портланд остана во битка за првата позиција во Западната конференција по победата против Индијана пејсерс со 88-82. Демиен Лилард со 23 поени ги предводеше домаќините до 15. победа во 19 одиграни натпревари. Портланд има скор 15-4 и е на третата позиција на Западот зад Голден стејт (16-2) и Мемфис гризлис (15-3).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.