| четврток, 6 декември 2018 |

НУБ „Св. Климент Охридски“ доби Орден за заслуги за Македонија од Претседателот Иванов за 70 години постоење

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, денеска се одржа свеченост со која се одбележа патрониот празник на оваа врвна институција од областа на библиотекарството во Република Македонија. Прославата почна со положување цвеќе пред споменикот на свети Климент Охридски (пред Библиотеката). Во рамки на прославата и во контекст на 70-годишниот јубилеј, за досегашниот придонес на Библиотеката во општествениот развој на државата, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и додели Орден за заслуги за Македонија на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

NUB 3 (Custom)

Пред присутните за важноста на оваа научна институција говореше претседателот д-р Ѓорге Иванов, директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, д-р Иван К. Заров, кој особено се осврна на најзначајните моменти од историјатот на Библиотеката и на досегашниот развој на институцијата, а министерката за култура, д-р Елизабета Канческа-Милевска, се осврна на значењето на Библиотеката во насока на зачувување на нашето пишано наследство.

На свеченоста ​присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор и на културниот, научниот и образованиот естаблишмент.

NUB 5 (Custom)

По завршувањето на церемонијалниот дел на доделување на Орденот за заслуги за Македонија, беше отворена изложбата „Од ризницата на НУБ“ која е организирана специјално по овој повод и преку која на присутните им беше презентиран мал дел од културното богатство што го поседува Библиотеката: старословенски, ориентални и современи ракописи, музички композиции, стари карти, ретка периодика, како и дел од изданијата на Библиотеката и избрани публикации за свети Климент Охридски.

По повод 70-годишниот јубилеј, НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје подготви и објави „Библиографија на изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски од основањето до 2014 година“, со цел да се прикаже целокупната досегашна издавачка дејност на Библиотеката. Оваа монографска публикација содржи и предговор за улогата и високото место кое Библиотеката веќе седум десетлетија го зазема во Пантеонот на македонската култура и за внедреноста на оваа врвна институција во фундаментите на општествениот подем на македонската државност, како и текст за историјатот на Библиотеката од 1944 до 2014 година.

Во вториот дел од свеченоста беа доделени „Свети Климентови грамоти“ на претходните директори на НУБ „Св. Климент Охридски“ и на неколку личности кои имаат дадено значаен придонес за Библиотеката, награди добија и неколку вработени во Библиотеката кои одбележуваат 10, 20 и 30-години работа во оваа институција, како и на вработените кои се пензионирале во текот на 2014 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top