И оваа година, на 6 декември (сабота) во 20.00 часот во МОБ, Факултетот за музичка уметност – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со целовечерен концерт ќе го прослави денот на своето основање.
На програма се делови од балетите на Александар Глазунов, Петар Илич Чајковски, Лудвиг Минкус, како и дела од Астор Пјацола и македонските композитори Драган Даутовски и Кирил Џајковски.
– Оваа година прославуваме 48 години постоење на Факултетот за музичка уметност – Скопје. Како и претходните години, свеченоста ќе почне на денот на неговото основање – 6 декември, попладне, кога во просториите на Факултетот ќе бидат доделени дипломите на завршените студенти на додипломските и последипломските студии на нашата установа. Во 19.00 часот во фоајето на Македонска опера и балет ќе се одржи промоција на првиот број на меѓународното научно списание „Арс академика“, издание на Факултетот за музичка уметност и Факултетот за драмски уметности, а потоа ќе имаме можност да уживаме во изведбата на нашите студенти на свечениот концерт. Овој концерт е особено значаен бидејќи со него ја промовираме првата генерација студенти од катедрата за балетска педагогија, меѓу кои се веќе познати имиња на денешниот македонски балет. Нивните настапи, заедно со изведбата на Симфонискиот оркестар составен од студентите на инструменталниот оддел, без сомнение, ќе бидат запаметени – вели деканот на ФМУ – Скопје, проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.