| четврток, 6 декември 2018 |

Банките стабилни, кредитите растат, но не ги поддржуваат почетните бизниси

finekspo

Финансискиот сектор во Македонија е стабилен, со позитивни трендови. Пораст бележат и депозитите и кредитите, кои се повеќе насочени кон поголемите претпријатија, а многу малку кон малите и средните претпријатија и почетниот бизнис.

Ова беше истакнато на 12. Конференција за финансии, деловни можности и економски развој – Финекспо 2014, што се одржа денеска во Скопје.

Кредитите бележат пораст од 9,3 проценти, на депозитите од 9,2 проценти, а нефункционалните кредити се околу 12 проценти.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, стапката се движи кон 10 проценти и овозможува соодветна поддршка на економијата. Дополнителна поддршка од 1 јануари 2015 година фирмите, особено стартап-бизнисите може да очекуваат преку Фондот за иновации што го формира Владата и кој треба да почне да функционира.

За натамошно засилување на капацитетот на банките за соодветно управување на ризиците и апсорбирање на загубите најави менување на Законот за банки, како и законската регулатива во делот на супервизија на осигурувањето.

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов истакна дека малите и средните претпријатија имат многу отежнат пристап до кредитите и додаде дека банките треба да помогнат со својата експертиза околу изработувањето бизнис-планови од страна на фирмите каде што се покажало дека има проблем.

Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, Глигор Бишев посочи дека во Македонија пазарот на обврзници и капитал не е развиен и најголемиот товар за финансирање паѓа на банките.

Смета дека има лесен пристап на фирмите до кредитите, но дека се бара да се внимава во што се пласираат средствата.

Претседателската на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска  нагласи дека немаат проблем фирмите со добар историјат и дека каматите се прифатливи, но дека ниту една банка не нуди продукт што би дал имплус на стартап-бизнисите.

За состојбите во осигурувањето беше посочено дека пазарот, иако има пораст во последните години, сѐ уште не е развиен бидејќи е ориентиран кон моторните осигурувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top