Последните инциденти не може да влијаат добро. За многумина се чини прилично незрело. Се сведува на игра за политички профит без некаква платформа. Штетата од калкулантство оди на сметка на Македонија – вели шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.
МАКЕДОНИЈА Е ЕДИНИЦА МЕРКА ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО
Како може да се натера Грција да преговара вистински затоа што очигледно е дека таму нема намера да се разговара? Може ли да се очекува Грција да ја признае 20-годишната грешка и да се повлече од црвените линии?
Попоски: Од гледиште на разум, грчки интерес е да се придобие Македонија. Политички, тоа би подразбирало разговор. Значи градење доверба, која, очигледно, ја немало. Вклучително и дијалог за спорот, нагласувам, со цел тој да се надмине.
Не сакам навраќања, но пред 20 години спорот е создаден опортуно, со цел да нема Македонија, со Македонци во неа, а чијашто дефиниција не би била целосно грчка. Алтернативата е почитување на правото на другиот, незагрозување и демонополизирање на чувствата. Ова е потребно за да се ослободи од стегите на погрешен пристап. Тоа, практично, би значело: Дозволи ми да бидам тоа што сум и остани тоа што сакаш да бидеш.
Воедно, не сум иредентист. Мислам дека е фер. Во спротивно, се станува роб на сопствените грешки. Од аспект на мотив, за Грција, веројатно, никогаш порано не можело да се биде помалку мотивиран отколку денес.
Значи ли нешто тоа што Нимиц во најновата рунда разговори прво оди во Атина, а потоа во Скопје, што досега не беше практика. Дали, можеби, Грција е сега на потег?
Попоски: Не, нема клучно значење за разврската.
Како влијаат внатрешната политика и тензиите во земјава на меѓународната позиција на Македонија?
Попоски: Не може да влијае добро. За многумина се чини прилично незрело. Се сведува на игра за политички профит без некаква платформа. Штетата од калкулантство оди на сметка на Македонија. Влогот е голем, а профитот е за тие што не сакаат да одиме напред. Среќа што свеста кај луѓето е издигната за овој 20-годишен демократски развој, па мислам дека не се навлекуваат толку лесно. Тоа ќе ни помогне. Турбуленции на политички план има насекаде, па и во ЕУ. Пресудна е свеста на луѓето и нивната оцена за тоа што е корисно, а што штетно однесување.
Најсреќен ќе бидам да се покаже вистинска желба за придвижување на местата што се засегнати директно. За некого во Атина тоа, веројатно, би било политички бескорисно. Во Скопје, пак, тоа е примат.
Колку пријатели може Македонија максимум да добие во ЕУ? Ако до лани беа неколку, сега се десетина. Имаме ли потенцијал да ги убедиме сите дека правдата е на наша страна?
Попоски: Не правам поделба на пријатели и на непријатели во ЕУ. Тоа е наше семејство. Одговорот кај сите е дека поддржуваат наше членство. Клучот е што се подготвени да направат за тоа да се случи што поскоро. Оваа година огромно мнозинство покажа подготвеност да ги соочи аргументите „за“ или „против“ условување надвор од меѓународното право. Тоа е наша придобивка.
ОДНОСИТЕ СО РУСИЈА НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПОТЦЕНУВААТ
Има ли алтернатива за Македонија во глобални рамки? Можеме ли да си дозволиме како Tурција, на пример, да се стремиме кон ЕУ, а паралелно со грчката блокада да се развиваме барајќи нови пазари, самата Турција, Индија, Русија?
Попоски: Тоа не се полиња што меѓусебно се исклучуваат. Нашата стратегиска заложба е евроатлантска. Тоа оди рака под рака со глобалното отворање преку контакти и размена со многубројни клучни партнери. Како поинаку би промовирале просперитет со глобален мир и стабилност?
Ќе ги промени ли нашите геостратегиски интереси влезот на рускиот гас во земјава во 2015 година? Има ли простор за коментарите дека Русија е можниот стратегиски партнер доколку ЕУ упорно продолжи да го трпи грчкото штетно однесување?
Попоски: Русија е стратегиски партнер за ЕУ. Енергетиката е само една од областите на соработка од заемен интерес. Самата ЕУ има десет стратегиски партнерства со одделни земји, три со традиционалните партнери на ЕУ (САД, Канада, Јапонија), четири со земјите од БРИК (Бразил, Русија, Индија и Кина), како и со Јужна Африка, Мексико и со Јужна Кореја. Ние стремејќи се кон ЕУ, нормално е да бидеме дел од тоа што е стратегиски интерес за ЕУ. Оттаму односите со Русија не треба да се потценуваат, туку да се негува нашето пријателство и отворен однос.
Како ќе се реши проблемот со Бугарија? Што е заднината на блокадата од Софија – деловни интереси во Македонија на високи бугарски политичари, обид да се добијат внатрешни политички поени со наметнување на македонското прашање или национална стратегија на источните соседи да се поништи македонската нација, која, според нив, не постои?
Попоски: Што и да е причина, не мислам дека е во бугарски интерес да се губат симпатиите во Македонија. Особено не преку промовирање блокада како државна политика, откако се здобило членство. Бугарија има можност да биде позитивен промотор на интеграции на Балканот. Затоа и се слушаат разумни гласови во земјата и надвор. Нема да има посебна корист од фрлање камења, ниту, пак, ќе ја подигне цената кај другите.
Ние имаме одговорност да им помогнеме да се извлечат од таква стапица. За таа цел седнуваме со волја заемно да се приближиме. Работните групи веќе имаа прва средба. Во меѓувреме, од политичарите зависи каква ќе биде климата. Изборната клима не помага, но одговорност е на секого да реши што ќе промовира. Јас сум за тоа да не ги труеме луѓето со омраза, туку да ги приближиме и да ги поттикнуваме да соработуваат.

Како ќе одговорите на очекувањата од заклучоците на европскиот совет да се интензивираат преговорите и да се подобрат добрососедските односи?
Попоски: Обете работи се во наша корист. Никој не сака повеќе од нас да го надминеме спорот. Колку енергија само ни е одземена за повеќе од 20 години во тој процес… да го немавме, до сега, веројатно, ќе имавме лансирано сателит во орбитата.
За добрососедство, Македонија е единица мера. Според пристапот сме марка во тоа што со секого пристапуваме без задни намери. Ако до следниот совет се стави на вага што сѐ имаме вложено за добрососедство, мислам дека малку потешко ќе биде да се затскрива непринципиелност зад фрази. Добар сосед е тој што подава рака и што почитува. Ние имаме интерес тоа да се измери, покрај тоа што секој совет на крајот цели да создаде некоја урамнотеженост.
Ханс-Јирген Захорка, главен уредник на магазинот за надворешни работи на ЕУ (European Union Foreign Affairs Journal) изјави дека по извесно време ќе биде побарано од Грција во министерскиот совет и во Европскиот парламент да го подигне ветото и дека таа е под опсервација. Тој последниот извештај на Европската комисија за Македонија го толкува како незадоволство од страна на ЕУ кон Грција.
Попоски: Најсреќен ќе бидам да се покаже вистинска желба за придвижување на местата што се засегнати директно. За некого во Атина тоа, веројатно, би било политички бескорисно. Во Скопје, пак, тоа е примат. Сепак, само во европски контекст гледам зошто однесувањето би се променило во догледно време. Затоа охрабрува зголемениот интерес во круговите на ЕУ.
Како е можно во сите соодветни меѓународни институции каде што се зборува за човекови права и, особено, за колективни човекови права да се осудуваат и Грција и Бугарија за односот кон македонските малцинства, а да не им фали ни влакно од главата?
Попоски: Тоа се организации што немаат инструменти на принуда. Во некои средини постои перцепција дека критериумите важат, главно, за тие надвор. Наша политика е да ги промовираме правата на сите заедници насекаде на Балканот. Цениме дека се работи за цивилизациски придобивки. Мислам дека има многу луѓе што го делат ова мислење.
Што прави Македонија за своите сонародници во регионот, вклучително и за Македонците во Албанија каде што со мерки од 19 век беа избројани само 5.000 нашинци?
Попоски: И таму се залагаме за пристап што е промотивен од аспект на заедниците. Тоа се мостови што нѐ поврзуваат. Што има пообединувачки од тоа да се почитуваат чувствата на граѓаните без разлика каде живеат… Значајно е сите да бидат почитувани. Во делот на активности, годинава организиравме летни кампови за децата од соседството, поттикнавме културна соработка и проекти, го промовиравме изучувањето на македонскиот јазик преку настава и на интернет. Паралелно, Владата на Република Македонија доследно ја спроведува повеќегодишната програма за доделување стипендии за Македонците од поблиското и од поширокото соседство со цел нивно студирање во Македонија и здобивање високо образование на мајчин македонски јазик.
Зошто и НАТО и ЕУ одбиваат да ја легитимираат пресудата од Хаг, а сите нивни членки се членки и на ООН и имаат обврска да ја почитуваат одлуката на Судот на правдата?
Попоски: Пресудата од Хаг констатира прекршување на меѓународното право само од страна на Грција. Таа е обврзувачка и создава очекување кон неа. Не се однесува директно на други членки во меѓународни организации. Водството во Атина, се чини, нема некоја посебна тегоба од кршење на правото. На интернет-страницата на грчкото МНР сѐ уште стои дека се очекува пресуда од МСП… повеќе од една година по пресудата… Добра илустрација за односот. Сепак, има луѓе тука, таму и во светот што не сметаат дека институциите на ООН служат за игнорирање, а нивните пресуди за бришење прав. Ние гледаме на тоа како на заедничка придобивка што треба да ни го осветли патот во иднина. Тоа им го должиме на грчките и на македонските граѓани. Има многу поддржувачи на ваков пристап.
Ако до следниот совет се стави на вага што сѐ имаме вложено за добрососедство, мислам дека малку потешко ќе биде да се затскрива непринципиелност зад фрази
КОЛЕГИТЕ СЕ ЧУДАТ
Какви се приватните реакции кај вашите колеги што имаат принципиелен однос кон македонската блокада?
Попоски: Неразбирање и чудење се најчести, во зависност од каде доаѓаат. Пристап каде што можноста за блокирање на соседот е главен адут, долгорочно, не е многу популарен.
Како ја оценувате ефективноста на дипломатијата годинава. Можеше ли подобро во услови на економска криза, кога проширувањето и Балканот не се веќе главни теми на разговор меѓу европските лидери?
Попоски: Финансиски најсиромашната година, исполнета со внатреевропски немир, веројатно беше меѓу најдинамичните дипломатски години за нас. Проширувањето не е веќе најпопуларна тема. Во такви услови добивме посветеност и сатисфакција од заложбите на многумина. Ние не сме навикнале лесно да постигнеме нешто.
Грчкиот премиер Самарас е избран за политичар на годината од страна на германскиот дневен весник „Ханделсблат“ (Handelsblatt). Ќе му честитате ли на грчкиот премиер?
Попоски: Искрено, не бев упатен… Веројатно и би му честитал, но имајќи предвид дека избегнува средби со претставници од Македонија и кога би се јавила таква можност, веројатно е дека честитката ќе да биде премногу застарена.
Разговараше: Горан Момироски
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Попоски и Димитров на „Топ тема“ ќе дебатираат за надворешната политика
-
Попоски: За разлика од Македонија, Бугарија си ги заштити своите интереси
-
Попоски: Веруваме дека договорот со Бугарија може да биде подобар без да се наштети никому
-
Никола Попоски: Потребата за договор е наметната од страна на Бугарија (видео)


