Проверките на социјалната инспекција и Заводот за социјални дејности покажале дека Центарот за социјални работи ги презел сите мерки и надлежности коишто ги имал согласно законот во случајот во Злетово.
– Не би сакал да навлегувам во самиот случај, бидејќи тој е комплексен. Се водела и кривична постапка на суд, пријавувано е семејно насилство. Меѓутоа, би сакал да потенцирам дека Центарот за социјални работи покренува постапка пред надлежен суд за изрекување привремени мерки за заштита само доколку постои согласност од страна на жртвата на семејно насилство, а се покрене судска постапка за изрекување вакви мерки, меѓутоа во исто време и работи со жртвата и понудени се и сите останати мерки коишто се предвидени во Законот – изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, одговарајќи на новинарско прашање дали завчерашното трикратно убиство можело да биде спречено со оглед на тоа што убиецот бил пријавуван за семејно насилство, а против него се водела и кривична постапка за насилство.
Завчера во Злетово професионален војник со службено оружје ги уби ридителите на својата сопруга и чичкото на момчето за кое се сомневал дека се гледа со неа, по што се самоуби.
Министерот Спасов, изразувајќи жалење и сочувство кон блиските и семејствата, посочи дека овој грозоморен чин се користи за да се профитираат ситни политички поени од страна на опозицијата.
– Уште еднаш би сакал да изразам сочувство, меѓутоа би сакал и сите да се насочиме кон борба против ова модерно зло. Семејното насилство е присутно не само во Република Македонија, туку и во целиот свет. Секојдневно има жртви на семејно насилство и потребно и со законски решенија и со законски мерки, меѓутоа и со подигнување на јавната свест, да се влијае на намалување на ова зло – потенцира Спасов.
Додаде дека на минатата седница на Владата се дискутирало да се направат одредени измени во законите со цел да се ограничи користењето на службеното оружје, во случај кога против лицата се води каква било постапка за насилство, со цел да се превенира извршување на одредено насилство.
– Дополнително со новиот Закон за семејно насилство, кој стапува на сила од 1 јануари 2015 година, се предвидени значително построги мерки спрема сторителите. Го следиме пред се австрискиот пример каде што е предвидено и отстранување на сторителот на семејно насилство од неговиот дом. Исто така, во случај кога дете е присутно во моментот на извршување семејно насилство или, пак, е жртва на семејно насилство предвидено е да не се бара согласност од родителите за покренување судска постапка за изрекување привремени мерки за заштита – рече Спасов.
Појасни дека се предвидени строги санкции во смисла доколку се покрене постапка за семејно насилство задолжително да се одземе оружјето со кое што располага сторителот. Практично, рече, и со измените во делот на располагање со оружјето и со новиот Закон за семејно насилство треба да се овозможи значително поголема заштита на жртвите.
– На центрите за социјална работа им се на располагање четири шелтер центри во кои има доволно простор за да се сместат жртвите на семејно насилство коишто сакаат да си отидат од сопствениот дом. Располагаме со капацитети и со тимови во рамките на центрите за социјална работа. Пред се, работата на стручните лица од центрите за социјална работа зависи од самите граѓани или, пак, од жртвата на семејно насилство, односно сите оние коишто ќе дадат согласност за покренување судска постапка за изрекување привремени мерки за заштита задолжително се покренуваат такви постапки – рече министерот за труд и социјална политика.
Само годинава, појасни, се покренати повеќе од 230 постапки за изрекување привремени мерки пред надлежен суд, што, како што рече, значи сите оние коишто ја започнуваат постапката, таа се реализира и се овозможува заштита на жртвите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.