| четврток, 6 декември 2018 |

Митриќески ќе снима љубовен филм

Режисерот Антонио Митриќески почнува со снимање нов филм. Првата клапа ќе падне на 20 мај, а долгометражниот македонски игран филм, кој ќе го носи насловот „Децата на сонцето“, ќе се работи по сценарио на еден од најреспектибилните балкански писатели Гордан Михиќ, автор на култните писанија „Среќна Нова 49“, „Дом за бесење“, „Црна мачка бел мачор“, „Заборавени“, „Туѓа Америка“ и уште многу други.

Продуцент на филмот е Дејан Милошевски. Директор на фотографија е Јарек Шода од Полска, кој соработуваше со Митриќески на филмот „Како лош сон“. Автор на музиката е Влатко Стефановски, кој во филмот ќе игра и епизодна улога. Главната машка улога му е доделена на младиот македонски актер Кире Ѓоревски, кој се има образувано во Бугарија, каде што живее и работи како драмски актер, пантомимичар и балетан по современ танц. За женската главна улога, филмскиот тим е во преговори за млада актерка од Македонија или од странство. Режисерот е во преговори со уште неколку големи домашни и странски актерски ѕвезди, кои засега ќе останат во тајност. Планирано е да се снима 36 дена.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Словенија и Србија. Сепак, најголемиот дел од средства се обезбедени од Филмскиот фонд на Република Македонија, а другите држави влегуваат во овој проект како малцински. Речиси сите локации за снимање се наоѓаат покрај самото езеро, каде што ќе бидат изградени и адаптирани објекти.

prespa1

При тоа, филмската екипа внимава и ќе обрне сериозно внимание кон зачувување на природата бидејќи, пред сè, целта на режисерот е да ги покаже убавините на Преспа.

prespa3

Филмот „Деца на зимското сонце“ е љубовна приказна во која главни ликови се Ангела и Марко. Дејството се случува на периферијата на едно мало гратче крај Преспанско Езеро. Проследени се доживувањата на семејството на Ангела. Таа е ќерка на Кале и Мира, кои имаат уште два сина и една ќерка. Кале држи кафеана, во која му помагаат неговата сопруга и децата. Мира дознава дека од Германија е многу богат човек, што се вика Фурда и решава дека ќерка ѝ Ангела треба да се омажи за тој богат човек и да се спасат од сиромаштијата. Но, Ангела е во љубовна врска со Марко, телохранителот на мафијашот Сони. Таа жестоко се спротивставува на желбата на мајка си да се омажи со тој човек кој не го познава…,

prespa2

Љубовната филмска приказна ќе се снима на крајбрежјето на Преспанско Езеро.

– Имам одлични соработници, кои несебично работат. Задоволство ми е да работам со млада екипа, на кои желбата и љубовта за креативна работа им е навистина силна. Случувањата во филмот се проткаени со еден лесен, ненаметлив хумор. Да, навистина има доста здрав хумор, верба и надеж за опстанок на едно семејство. Пред сè, „Деца на  сонце“ е љубовен филм вели режисерот Митриќески.

Ова е трет игран филм на Митриќески, на кој му предходат „Преку езерото“ во 1997 година и „Како лош сон“ во 2003 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top