Осум обувки коишто им припаѓале на Евреи настрадани во периодот на холокаустот во Втората светска војна се украдени од музеј отворен во поранешен германски нацистички логор на територијата на денешна Полска.
Бизарната кражба се случила во музејот на некогашниот логор „Мајданек“ крај Лублин, во периодот меѓу 18-ти и 20-ти ноември, меѓутоа локалната полиција информацијата ја објави дури во средата, цела седмица по претпоставениот период на извршување на злоделото.
И претходно од овој музеј во логорот „Мајданек“, кој нацистите го подигнале во 1941-та а го напуштиле во 1944 година и во кој повеќе од 78 илјади луѓе биле испратен во гасните комори, беа пријавувани кражби на пепел од жртвите или капи што ги носеле заточените.
Капата на еврејски затвореник беше украдена минатата 2013 година, но набрзо беше вратена, бидејќи американското Федерално биро за истраги (FBI) го пронајде крадецот кој се обиде да ја продаде преку интернет. Пепелта на жртвите, пак, украдена во 1989 година, досега не е пронајдена.
Вработен во музејот забележал дека е исечена жицата којашто прекривала 56 илјади чифта чевли, а портпаролот на музејот изјавил дека целта на поставката е да им покаже на луѓето колкаво голем било злосторството извршено од нацистите. Според него, „кражбата претставува голема загуба за музејот“, бидејќи предметите имаат „голема историска вредност“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.