Пронајдениот маж обесен во бачило во близина на Злетово е 40-годишниот Драган Маноилов, осомничен за денешното тројно убиство, потврди МВР.
Телото на Драган го идентификувале негови блиски роднини.
Маноилов, според првичните сознанија на полицијата, изутрината ги уби Илија М. (65), Јана М. (63) и Методи М. (50). Илија и Јана се родители на неговата поранешна сопруга, а третиот чичко на момче за кое тој се сомневал дека е во врска со неговата екс сопруга.
Според сознанијата, по извршеното тројно убиство осомничениот се упатил во неговата куќа, односно во домот каде што живееле со сопругата, каде што физички се пресметале со нејзиниот брат. Во пресметката, соопшти МВР, братот на неговата сопруга успеал да му го одземе оружјето, службена автоматска пушка, за која постојат сомневања дека била употребана при убиствата и потоа се дал во бегство.
Веднаш е стапено во контакт и со Армијата на Република Македонија, по што е утврдено дека истиот своеволно го напуштил работното место. Од направените проверки, е утврдено дека тој не поседува друго приватно оружје.
Портпаролот на ГШ на АРМ Мирче Ѓоргоски во името на Армијата и МО изрази остра осуда за тројното убиство и информира дека согласно стандарните оперативни процедури за подготовка на припадниците на АРМ при обезбедување на објекти, луѓе и материјални средства, од страна на стручни надлежни органи е утврдено дека кај ова лице нема никаков проблем за да ја извршува должноста.
– Професионалниот војник бил на должност на обезбедување на објект и за време на вршењето на должност се самоодалечил. Како припадник на АРМ до овој момент немало никакво кршење на воената дисциплина, ниту покренати дисциплински постапки за овој професионален војник. Имал дури и високи оценки, а до овој момент нема пристигнато никаква судска пресуда до МО којашто би имала какво било дејство врз неговиот статус во АРМ, изјави денска Ѓоргоски.
Според него, ГШ на АРМ и МО даваат целосна поддршка и асистенција и се вклучени во истрагата, а тоа значи, подвлече, оти паралелно и во рамки на ГШ на АРМ ќе се води постапка во рамки на надлежностите на законите поврзани со оваа случка.
Според жителите на Злетово, Маноилов рано утрово, откако дошол од кумановската касарна, каде што работел, вооружен со пушка влегол најпрвин во домот во кој живеело момчето за кое се сомневал дека е во некаква врска со неговата поранешна сопруга. Вратата му ја отвориле бабата и мајката на момчето, во нив не пукал, но на лице место го убил неговиот чичко Методија Димитровски (50), кој бил вработен како пазарен инспектор во Пробиштип.
Досега против осомничениот Д.М. се поднесени две кривични пријави за сторени кривични дела телесна повреда и тешка телесна повреда сторени во семејството.
Колегата на Димитровски, Ангел Серафимовски вели дека тој дваесет години работел заедно со него.
– Ваква трагедија во Злетово досега не се случила. Мојот колега беше мирен човек и се надевам дека истражните органи ќе го пронајдат убиецот, рече Серафимовски.
Убиецот откако не го пронашол момчето се упатил кон куќата на родителите на неговата поранешна сопруга каде што на лице место ги убил. Во куќата бил и неговиот поранешен шура кој се обидел да го совлада и му го зел оружјето (пушката) по што сторителот на тројното убиство со својот автомобил избегал.
Првите соседи на семејството на неговата поранешна сопруга велат дека Драган Маноилов (40), кој го изврши тројното убиство во Злетово, постојано ги малтретирал неговите поранешни баба и дедо, како и неговата поранешна сопруга, со која има две малолетни деца.
Маноилов бил и пријавуван во полицијата и во Центарот за социјални работи за насилство. За ова од полицијата потврдуваат дека тој има веќе две кривични пријави, една за семејно насилство, а втората за крвничко претепување токму на момчето за кое се сомневал дека е во некаква врска со неговата поранешна сопруга.
Сторителот на тројното убиство како професионален војник во АРМ бил вработен во 2001 година и еднаш бил во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ужасно е да се носи облека на човек кого го убивме пред 20 минути-oвој детал доведе до разоткривање на бруталното убиство на Кашоги
-
Опструкции на секој чекор: Граѓаните кои доаѓаа на протест стопирани на секоја патарина (галерија)
-
Објавени нови детали за убиството на Кашоги: Само некој кој зема хероин би го направил тоа
-
Хит на Фејсбук: Хрватски полицајци се обидуваат да поправат службено возило (видео)