Четврти Меѓународниот Вински фестивал кој ќе се одржи од 27. до 29.11.2014 година во „Метрополис Арена“.
Винскиот фестивал ја слави убавината на живеењето во форма на дружење со позитивна енергија, уметноста на виното како подготовка и како конзумирање и сето тоа облагородено со квалитетна музика.
Овој фестивал е доказ дека Македонија е земја на виното кое се произведува со различни брендови, сорти и мешавини и дека успешната извозна стратегија може да придонесе оваа индустрија да стане национална гордост и препознатливост.
Идејата овој фестивал да даде дополнителна вредност на живеењето веќе се остварува, и секоја година почитувачите на добрата забава и квалитетниот провод Винскиот фестивал го посетуваат во сè поголем број.
Винскиот фестивал претставува промоција на богатата винска култура во нашата држава, а и проширување на семејството на вински ентузијасти. Со неговото одржување се негува и развива култот кон виното, сопствената традиција – изјави проект менаџерот на Винскиот фестивал, Иво Ивановски.
Учесници на годинешниот фестивал се винарските визби, производители на млечни и месни производи. Нивните производи ќе бидат достапни за купување на самото место. Оваа година партиципираат 20 учесници. Вкусот на виното ќе го надополнат млечни и месни специјалитети од домашните најквалитетни производители. Ефективниот спој на забавното со корисното посетителите ќе можат да го искусат и преку дегустацијата на повеќе производи и истовремена споредба на квалитетот и вкусот. Ќе се претстават најпознатите сорти грозје, категориите на вино и нивниот редослед во служење, основната поделба на храната по состав и примена, комбинирање на соодветно вино со јадење на основа на нутриционистички состав и органолептички карактеристики, професионално служење вино во ресторани, протокол во винскиот сервис, правилен начин на отворање и служење итн.
По попладневните забави со DJ, музичката програма продолжува и по 19:00 часот сè до 01:00 часот по полноќ. Музичката програма на Винскиот фестивал и годинава се состои од имиња на домашната и регионалната сцена кои ќе се погрижат за доброто расположение во духот на виното: Деј Оф, Хавана микс со музички спектакл директно од Куба, Дивље Јагоде, Симон Киселички Трио, Нино Величковски и Алтан Оркестар и Нокаут.
Цената на билетот изнесува симболични 100 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.