Во американската кошаркарска лига НБА синоќа беа одиграни седум натпревари. Во првиот натпревар кој се одигра, екипата на Лос Анџелес Клиперс немаше големи проблеми против тимот на Шарлот Хорнетс. Клиперс до триумф од 113-92 ги донесе одличниот Блејк Грифин, кој натпреварот го заврши со 22 поени и со 16 скока.
Ништо полош не беше ни Крис Пол, кој уфрли 22 поени и дури 15 асистенции.
Екипата на Кливленд по неколку порази во низа, синоќа го покажа вистинското лице во натпреварот против Орландо Меџик. Кливленд славеше со 106-74, а одлична партија одигра повратникот Леброн Џејмс со 29 поени и 11 асистенции.
Њујорк Никс оваа сезона на публиката и на фановите им носи само разочарување. Новото стигна синоќа по поразот од Хјустон со резултат 91-86. Екипата на Дерик Фишер не знаеше на кој начин да го сопре Џејмс Харден, кој натпреварот го заврши со 36 поени. За да биде малерот поголем, Никс остана и без нивниот најдобар играч Кармело Ентони.
Чикаго славеше на гостувањето кај Јута (97:95) во враќањето на Дерек Роуз кој поради повреда пропушти четири натпревари. Ѕвездата на Булси мечот го заврши со 18 поени, додека најефикасни беа Батлер со 25 и Гасол со 23 поени.
НБА РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – ЛА Клиперс 92-113, Кливленд – Орландо 106-74, Филаделфија – Портланд 104-114, Торонто – Феникс 104-100, Хјустон – Њујорк Никс 91-86, Далас – Индијана 100-111, Јута – Чикаго 95-97.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.