| четврток, 6 декември 2018 |

Чак Хејгел си поднел оставка

US-DEFENSE-HAGEL-BUDGETАмериканскиот претседател Барак Обама денеска соопшти дека секретар за одбрана Чак Хејгел се повлекува од функцијата.

– Чак беше извонреден секретар, истакна Обама во присуство на Хејгел и на потпретседателот Џо Бајден.

Обама нагласи дека досегашниот прв човек на Пентагон служел во Виетнам и ги разбира војниците, повеќе од кој и да е друг. Тој изјави дека минатиот месец Хејгел му најавил дека ќе се повлече од функцијата и додаде дека тој ќе ги извршува задачите се додека Сенатот не го именува неговиот наследник.

– Хејгел секогаш беше отворен и директен во разговорот со мене, рече Обама.

Хејгел изјави дека Владата на Обама ги води Министерството за одбрана и САД кон стабилност и безбедност. Истакна дека САД се подготвиле себе си, сојузниците и авганистанските воени сили за успешно предавање на грижата за безбедноста, дека ги зајакнале прекуокеанските сојузи и партнерства, а во меѓувреме успешно дејствувале како одговор на светските кризи.

Хејгел заклучи дека Пентагон спровел важни реформи, кои ќе ги подготват вооружените сили за идните предизвици.

Претходно денеска  „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извор во Белата куќа објави дека Обама се очекува денеска да соопшти дека Хејгел поднел оставка заради несогласување за стратегијата против екстремистичката група Исламска држава.

Обама и Хејгел, според весникот, го разгледувале повлекувањето од функцијата изминатите две недели и во петокот претседателот на САД одлучил „да се збогува од министерот“.

Хејгел, поранешен сенатор републиканец беше шеф на Пентагон од почетокот на 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top